Избушена држава!

Си била еднаш на Балканскиот полуостров една малечка држава, од памти век на овие простори. Низ неа минувале значајни патни правци, од антиката, од времето на Филип и Александар Македонски, Римјаните преку најпознататата Виа Егнатиа, крстоносците на јуриш за светиот Ерусалим и Константинопол, трговскиот пат на свилата со далечната Кина, јужната пруга Беч-Београд-Скопје-Атина, па се’ до денешните Коридори 10 и 8. И сето тоа во интерес на трговијата, економијата или туризмот. Ако во времето се граделе патишта од земја, камења, со развојот на економијата и науката, истите почнале да се градат од песок, бетон, калдрма, асвалт се до денеска ладниот асвалт, од тесни сокаци, преминале на патчиња, патишта до автопатови од 2,3 или повеќе ленти.

Европа, па и светот е денеска модерна со огромен број на модерни и ултрамодерни експресни патишта и автопатишта, со нови заштитини појаси, светлечки сигнализации, попатни одморалишта, електронски патарини… и сето тоа во интерес на брз економски и трговски развој, побрзо но и побезбедно движење на луѓето и патниците. И нашите соседи кои до вчера беа затворени држави, со еден два локални патни правци, денеска се со ултрамодерни брзи патишта и автомобили. Луѓето велат до море се стигнува за неколку часа сега.

А, каде сме ние во целава оваа приказна?

Во бившата Ју држава барем во регионов бевме поим за урбанизирана држава со убави прикладни патишта кои водеа до нашите градови, села и туристички места. Денеска сме само држава на заостанати избушени локални или магистрални патишта, осакатени со сигнализација, каде на некој патоказ пишува наместо лево дека градот е нагоре во воздух, наместо „Наколец“ останало само „Накол“, зашто дел од таблите или патоказите завршиле како средство за отпад или пржење на пипер и ајвар, избледени табли за известување итн.

Повод за колумата е баш оваа проблематика од неминивна важност за ликот на една држава, економија и туризмот, а тоа е патната инфраструктура. До сега многу странски турооператори, новинари, делегации сме носеле во Македонија и знаете ли за што секогаш ни наоѓале страшни забелешки? Многу убава држава сте, но ѓубрево мора да си го соберете и да водите сметка за јавната чистота, и да секако имате ужасни патишта. Нема ниеден странец да не ми го кажал ова. Имав еден добар странец пријател вљубеник во Македонија, кој на шега секогаш ми велеше – Зоки ако ја продавате Македонија некогаш топ тан онака, продавајте ја само во месец мај или јуни, никако во март или април.

Е сега од тука ќе почнам, зашто не во овие месеци демек. Пред некој ден имав едно убаво патешествие, после зимскиот сон, нели доаѓа пролет и земав да извозам една тура низ државава да завршам некои приватни работи и да посетам некои пријатели. Тргнав по автопатот, Коридорот 10 за правец Битола, излегов од скопските гужви и на само неколку километри возење останав вџашен од ужасот од смет и ѓубриво по нашата најзначајна патна инфраструктура. Не дека секогаш нешто бил чист истиот, ама овој пат мислам дека е најпрљавиот што сум го видел во текот на овие 50 мои години. Кеси разлетани на сите страни, закачени на дрвјата како новогодишни лампиони. Оние бедни неколку останати дрвја на средината од автопатот, кои ги преживеале временските неприлики, беа тажни од кесите закачени на нив, без ѓубриво или вода со години и денови. Банкините од страна искршени и нерамни ако се потпреш ќе паднат. Автопатот осамен, заборавен како од надлежните институции, така и од самите патници, на две на три, неколку автомобили се движат по него. Да те фати страв и паника од осаменоста. А да, важно по автопатот повеќе полициски патроли отколку возила по него. Очигледно нема нафтена и економска криза за овие си велам.

После третата наплатна станица (на растојание од само 60 км има три) скршнав лево за регионалниот пат Градско-Прилеп-Битола, колку што знам пат направен уште пред 50 и повеќе години и ист таков оставен и ден денеска. Добро де нешто е поправен со третата лента и некоја дупка, а да и сега се прави експресниот пат Градско-Прилеп. Колку години се прави? 10 и повеќе можда. Подобро да не одите по овој пат моментно. На секој километар имате градежни работи и работници кои повеќе одмараат отколку што работат. Како беше она од К15 скечот, малку ја одмарам, па ова дете работе, па он работе, па јас одмарам, е така е работава таму. И некако после изместен бубрег и истресените компири од извозениот патен правец Прилеп-Битола, стигнав по три часовно патешествие до Битола.

Малку одморив се видов со некои пријатели и тргнав со мисла дека одамна не сум поминал преку Демир Хисар за Кичево и назад за Скопје, да го видам и овој преубав предел наш за туризмот. Не знам за вас али за мене е многу значаен предел и за нас Македонците, зашто таму се препеаните места како Прибилци, Брезово, Цер, рудникот Жван, комитската Илин планина, изворот на Црна река, најмалата библиотека во светот во селото Бабино, преубавото село Белица со сите негови извори и потоци, што да кажам за Железнец, најавтентичното македонско живо (колку може да биде денеска живо!!!) село со традиционална селска архитектура. Предел од кој ќе останете воодушевени, али затоа патот по овој предел, ќе се покаете што воопшто ви текнало да отидете. Патот е заборавен од господ, не па од институциите. Повеќе нерамнини и дупки немам видено, не дека не знаев и порано во каква состојба беше, но сега можам слободно да кажам го прогласувам за „умрено“ тој пат. Камења и одрони на секоја кривина и чудо е ако избегнете да не погодите некој камен, молејќи се да не погодите некоја карпа. Цело време се прашувам што прават надлежниве инситуции???

И така доаѓам до Кичево, преку селата Зајас и Коларе, и да ви кажам останав запрепастен од тоа тоа што го видов. Патот таму е регионален мал со две ленти, но чист, среден, означен, ниедна дупка по патот, ниедно ќесе на дрвце, нема расфрлани стари душеци или „смедеревци“ на патот, ама затоа јарболи со албански знамиња на секој два до три километри, мислиш си влегол у Албанија (искрено многу пати возам низ Албанија, чат пат некое знаменце на куќа некоја ќе видиш како се вее) али затоа кај нас има што да се покаже нели и баш ги броев некаде околу 10 се можда. Секоја му чест на лидерот на ДУИ, кој нели е од овој роден крај – Али Ахмети, „Јооо Али“ (инаку на твитер видов еден виц околу демократијава и дикаторите кои владеат со своите држави, па така за Путин како диктатор владеел 22 години, оној Лукашенко 24, а Али наш 20 години, незаменлив е човекот, ама он е демократ по вокација). Нели ви личи ова на селективност во одлуките за правење на патната иснфраструктура во државата!

Така е и со поставените директори во изминативе 20 години за важните инситуции за Македонија пат и Агенцијата за државни патишта и сите вработени таму, едно прашање до нив, каде живеете бе вие дечки, во која држава, не ви се срам да се возите самите по овие избушени и заборевени  патишта? Станете исчистете го барем ѓубрето по патот, ако за друго не ве бива. Министри и директори за последниве 5 години автопатот Кичево-Охрид пет пати анекси направивте, а ништо др не сработивте на него. Сте се повозиле ли некогаш по овој пат од кај Демир Хисар, или туѓи се колите што ве возат, па гајле ви е нели! Дали знаете дека заради тие дупки и нерамнини на патиштата еден куп мои пријатели моторџии загинаа летајќи преку тие трагични страшни патишта!

И апсурд на се’ како крај, синоќа пред да ја пишувам колумнава, како нарачан ми влета Министерот за транспорт и врски, кој на еден медиум дава отчет што се’ се правело во држава и како во моментов биле инвестирани невидени 350 милион евра за патна инфраструктура, е сега велам „ќе“ не’ биде. Водителката му поставува наместо прашања, а он одговори дава „дипломатски“ и за се’ била крива претходната влада. Дечко 5 години сте власт, ако имате малку совест и морал, ти како министер пред се’, директорите поставени на тие институции треба веднаш да си депонирате оставки, не ве бива извинете. Македонија нема време за дипломатија и за чекање, 30 години чека, а ништо не дочека.

Оваа мала мила државичка Македонија ја направивте како швајцарско сирење, избушена од сите страни, политички, економски, безбедносно, здравствено, инсфраструктурно. Била таа многу пати осакатена, ограбувана, заборавена, но како денес што е избушена никогаш не била. Ставете прст на главата и размислете сериозно што правите. Каде ќе живеете утре?

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес