Издвоени 4.000 вакцини за полицајци, пожарникари, возачи, воспитувачки, новинари…

Четири илјади вработени на ризични позиции од почетокот на следната недела ќе се вакцинираат со вакцините на „АстраЗенека“ кои стасаа во неделата, одлучила Националната техничка група за имунизација против ковид-19.

Вкупно 4.000 вакцини ќе бидат издвоени за вработени во критичната државна инфраструктура. Со останатите 20.000 вакцини од утре започнува вакцинацијата на граѓаните над 75 години.

„Во критична инфраструктура влегуваат следните групи: вработени во МВР кои се најизложени на ризик а за кои МВР треба да достави списоци согласно ризикот, вработени во АРМ исто така согласно список доставен од институцијата за најизложените групи, новинари вработени во медиуми, вработени во обвинителство и судови, возачите на автобуси во ЈСП, пожаникарите, вработените воспитувачки во градинките и вработените на патарините. Со оваа одлука техничката група за имунизација смета дека ќе се заштитат оние вработени кои имаат најмногу контакти и се во голем ризик. Сите останати групи согласно степенот на ризик ќе бидат вакцинирани во следните фази и апелираме за трпение и разбирање“, соопшти Министерството за здравство, кое потсетува граѓаните да продолжат максмално да ги почитуваат мерките за лична заштита.