Изетбеговиќ: Ќе ја признаеме независноста на Косово

Бошњачкиот член на претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ е незадоволен од позицијата на Санџак и тврди дека Босна и Херцеговина ќе ја признае еднострано прогласената косовска независност, што, според него, и досега требало да го направи.

„Што се однесува до мене, досега Косово требаше да биде признаено. Сега ќе се налутат нашите колеги, а нашите обиди тоа да се случи само донесоа проблеми во самата БиХ, а не му помогнаа на Косово“, кажа Изетбеговиќ за Дојче веле.

На директното прашање дали БиХ ќе ја признае косовската независност, Изетбеговиќ кратко кажа: „Да“.

Лидерот на Бошњаците во БиХ вели дека сега е во добри политички односи со сите политички лидери во Санџак, но, како што истакна, не е задоволен со позицијата на тој регион во Србија, кој е главно населен со Бошњаци.

Тој тврди и дека не е „играч“ на Ердоган и дека го интересира само односот на претседателот на Турција кон БиХ и муслиманите. Тој, како што истакна, нема намера да се меша во односите на Ердоган и Меркел и не сака да коментира колку се длабоки чистките кои турскиот претседател ги спроведува против пучистите.

„Колку се длабоки тие чистки јас не знам. Факт е дека тие се обидоа да го убијат Ердоган. И тоа не сакам да го коментирам. Мене ме интересира односот на Ердоган кон БиХ и муслиманите“, изјави лидерот на Бошњаците во БиХ.

На прашањето дали пријателството со Ердоган може да влијае турскиот претседател од Владимир Путин да побара да влијае врз Република Српска и дали Русите ќе можат да го спречат влегувањето на БиХ во НАТО, Изетбеговиќ вели дека тоа зависи од силата на Русија, која е во подем.

„Русија е пресилна за лесно да ѝ кажуваме тешки зборови. (Милорад) Додик очигледно сака да биде нејзин „играч“ и ѝ се додворува за тоа да го спречи“, кажа Изетбеговиќ.

Сепак, тој смета дека Русија не може да ги победи силите како ЕУ и НАТО, а патот на БиХ е европски.