Изгласан новиот Закон за спречување корупција, ќе пријавуваат само инстуициите

Собранието го донесе Законот за спречување на корупција и судир на интереси со 81 глас „за“. Законот беше со европско знаме и донесен е по скратена постапка. Од 40, беа прифатени 20 амандмани на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во дискусиите рекоа дека сакаа да има нов закон и нова антикорупциска комисија, и дека не сакале да го спречат донесувањето, туку само сакале да донесат квалитетен закон.

Новата Антикорупциска комисија ќе може да проверува сметки на политичари само ако претходно отворила постапка и веднаш ќе го информира дека е отворен случај за него.

Со амандман се измени и членот што предвидуваше дека и граѓаните ќе можат да пријават корупција кај партиите и функционерите. По ново, сега корупција ќе може да пријавуваат само институции или невладини организации и фондации кои работат на проблематиката на антикорупција. За време на изборна кампања сомневање за корупција може да иницира самата Антикорупциска или по приговор од организатор на изборна кампања или акредитирани набљудувачи.

Претседателот, членовите и вработените во Државната комисија кои ќе имаат пристап до базите на податоци на државните институции, сите податоци се обврзани да ги чуваат, и можат да ги користат само за целите за кои се добиени и не смеат да се откриваат на трети лица.

Во законот во дефиниција за семејство, додадени се браќата и сестри. А во дефиницијата за блиски лица, зборот приватен е заменет со финансиски. Тоа значи дека личното пријателство не би се сметало за конфликт на интерес ако службеното лице и пријателот немаат заеднички финансиски интерес.

Мандатот на членовите на Антикорупциската комисија ќе трае пет години, без право на реизбор.