5.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Изгласан Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење по скратена постапка

Пратениците во рамки на денешната 112. седница со 58 гласа „за“, тројца „против“ и нути еден воздржан ја изгласаа потребата од носење на законите за го изгласаа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка – предложен од пратениците Арбана Пашоли, Арбен Зибери, Арбер Адеми, Арта Биљали-Зендели, Бајрам Кадрија, Бедри Фазли, Берат Ајдари, Вјолца Адеми, Љатифе Шиковска, Марија Георгиевска, Мерита Колчи Коџаџику, Рина Ајдари, Фиснике Бектеши Шаќири и Халил Снопче. Претседателот на Собранието, Талат Џафери ги задолжи собраниските Комисијата за транспорт, врски и екологија и Законодавно-правно комисија да расправа по овој предлог-закон.

Координаторот на пратеничката група на Демократската унија за интеграција и еден од предлагачите, Арбер Адеми истакна дека Предлогот на законот е овозможување на ефикасно работење за државните патишта како градба која што е предвидена со Законот за јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка.

-Начелата врз кои се заснова законот е економичност и ефикасност на постапката. Основните решенија се во насока на прецизирање на начин на проектирање, ревизија, изградба на надзорот и ставање во употреба на предметните градби. Имајќи во предвид дека не станува збор за сложен закон, во согласност со членот 70 од Деловникот на Собранието предлагаме овој предлог на закон да се донесе по скратена постапка, рече Адеми.

Во процедурално обраќање координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски истакна дека нивната пратеничка група повикува и апелира овие закони да се повлечат, да се организира јавна расправа на која што сите засегнати страни пред се експертската јавност ќе даде свое мислење и аргументи и врз основа на тоа Владата ќе направи заклучоци според кои ќе делува во иднина. Ги повика пратениците од власта да не гласаат за потребата од овој дневен ред.

-Дел од забелешките кои ВМРО-ДПМНЕ како пратеничка група ги имаме за Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8, со овој договор ќе има огромни финансиски импликации на Буџетот. Со членот 5 од Законот и од одредбите од договорот со кои се предвидуваат пенали заради доцнење на поединечните обврски кои ги има државата, нема да може објективно да се исполнат бидејќи државата на старт ќе доцни со секој од овој проект и ќе предизвикаат енормно зголемување на чинење на целиот проект. Законот за експропријација – државата, односно Управата за имотно-правни односи ниту има кадровски потенцијал, ниту има време со оглед на роковите во Договорот за експропријација на земјиштето, особено со оглед на тоа што се уште постои урбанистички план согласно кој ќе се утврдат границите на земјиштето кој ќе треба да се експроприра. Нема да се знае кое земјиште е трајно и кое времено ќе се експроприра. Законот за измена на Законот за урбанистичко планирање предвидувца и разработува постапка за нешто ексклузивно урбанистички проект, неурбанистички план. Со предлог-законите за Законот за културно наследство, Законот за минерални суровини и со Законот за шумите повторно се врши груба повреда на амандманот од Уставот, односно повторно се дава неконтролирано ексклузивно право на изведувачот без да се мисли на последиците кои можат да ги предизвика. Дополнително, изведувачот се ослободува од ДДВ со Законот за јавен интерес и стратешки партнер, и кое ослободување ќе влијае на финансиската конструкција на проектот, рече Мицевски.

Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ процедурално истакна дека ова што се прави во Собранието е со единствена цел да се наштети на угледот на најголемиот инфраструктурен проект во последните 70 години во државата.

-Но, тоа што е одлука на опозицијата е одлука на опозицијата. Ниту бегаме од дебата, ниту сакаме нешто набрзина да биде донесено. Само ги гледаме проблемите кои што се случуваа на терен, имајќи ги во предвид претходните инфраструктурни објекти кои што се градат низ државата, рече Митрески.

Пратеничката на ДОМ, Маја Морачанин потенцира дека нема дилема оти овие инфраструктурни проекти се потребни, во интерес на граѓаните и државата, но, таа побара овие закони да бидат повлечени од дневниот ред.

-Овие закони кои што се поднесени во скратена постапка и кои што навистина зафаќаат многу различни области од законската регулатива и од практичното функционирање во државата, и даваат големи привилегии за оние кои што ќе го изведуваат овој проект. Најмалку што можеме да направиме е овие закони и денеска да не се усвојува овој дневен ред и законите ако веќе има потреба да се пуштат во нормална процедура, рече Морачанин.