Автобуската постојка спроти зградата на општина Ѓорче Петров изгоре во пожар. Според информациите од општината, пожарот се случил доцна синоќа поради несовесно однесување на граѓани.
Пожарот прв го забележал општинскиот чувар околу 21.30 часот кој интервенирал со апарат за гаснење со што спречил и поголема штета затоа што на само три метри од постојката се наоѓа семејна куќа.
Од општината потсетуваат дека неодамна гореа и контејнери, а се крадат и ново засадени млади дрвца на повеќе локации во општината, се корнат ново засадени цвеќина, се кршат сијалици од уличното осветлување, табли од кошеви, клупи, корпи за отпадоци,…
– Тоа е, за жал, секојдневие со кое се справува општината, но и покрај брзите интервенции од општинарите, сепак не се довјасуваат овие вандалски чинови. По се изгледа дека единствено решение е воведување високи казни за сторителите затоа што не сакаме да го чуваме она што ни е заедничко, стои во соопштението од Општина Ѓорче Петров.