Изграден нов мост на Пчиња

Изграден е новиот мост на река Пчиња, проект на кој се работеше изминатите две години. Стариот мост што беше оштетен е отстранет. Новиот мост е со должина од 133 метри, широк осум метри со две сообраќајни ленти. Инвестицијата изнесува милион евра, средства обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта.

-Ова е од огромно значење за жителите на Долно и Средно Коњаре бидејќи стариот мост беше крајно небезбеден за движење, а од друга страна овој мост е врска со автопатот Миладиновце-Штип и Скопје – Велес, истакна министерот Благој Бочварски кој со директорот на ЈП задржавни патишта Зоран Китанов извршија увид во изградениот мост.

Бочварски потенцираше дека мостовите се важни инфраструктурни проекти кои овозможуваат подобра комуникација, но и развој на регионите.

-Ова е многу сериозен проект со кој граѓаните од овие населени места подобро ќе комуницираат, ќе се развиват, а верувам дека ќе се зголеми и транспортот на стока бидејќи се поврзуваат со двата автопата. Продолжуваме со реализација на капиталните проекти и во следниот период ја засилуваме динамиката, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Директорот на ЈПДП Китанов истакна дека мостот на Пчиња е најдолг на регкионален пат во нашата држава

-Пред 2 години бев овде кога се почнуваше овој мост и еве денес сум овде кога се завршува овој мост. Мостот комплетно е направен и е најдолг на регионален пат во нашата држава-133 метри, 8 метри широк, со тротари за пешаци и претставува навистина убавина затоа што после 30 години првпат се градат мостови во нашата држава. Не само што се изгради овој мост, туку постојниот којшто беше во очајна состојба и веќе ниту ЈСП не сакаше да вози по него, е отстранет, а се работи и на речното корито, изјави Китанов.