Излезе од печат книгата „Бушава азбука на музиката“ на Соња Андонов

Излезе од печат книгата „Бушава азбука на музиката“ од авторот Соња Андонов, музиколог од Тетово. Целта на книгата е популаризација на музичката уметност.

Книгата содржи 62 приказни, за секоја буква од азбуката има по две приказни. Едната приказна се однесува за музиката воопшто, а другата за македонската музика. Оваа „музичка лектира“ има едукативно-забавен карактер, а, исто така, има за цел да го насочи и поттикне читателот понатаму самиот да истражува за музиката.

– Идејата да се направи книгата е да се создаде „буквар“ за љубителите на музиката, меѓу сите генерации, образовни профили, со желба класичната музика да допре до секого. Поголемиот дел од содржината на книгата е настанат спонтано во 2020 година, во годината којашто остана забележана по пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19. На почетокот на пандемијата, збор што најчесто се повторуваше, а звучеше како „страв од непознато“, беше зборот „корона“. Во музиката тој збор има сосема друго значење и авторот почувствува потреба тоа да го објасни на пошироката јавност преку социјалните мрежи. Како што пандемијата се создаде од „короната“, исто така и „Бушавата азбука на музиката“ започна со објаснување на поимот на буквата К – корона. Понатака, секој ден, на различна буква од азбуката се објавуваа приказни за музиката, а за секоја приказна следуваa соодветни композици, изјави Соња Андонов.

Заедно со книгата има и ЦД на кои се наоѓаат композициите.Секоја буква во книгата има своја ликовна и музичка илустрација. Буквите, корицата и графичката изработка ги направи Ана Андонова, додека цедето го изработи Гоце Симоноски. Книгата „Бушава азбука на музиката“ претставува проект од национален интерес во културата за 2021 година поддржан од страна на Министерството за култура на Република Северна Македонија.