Излезноста во дијаспората до 19 часот околу 46, кај осудените 74 отсто

До 19 часот, според информациите од избирачките одбори, вкупната излезност од гласањето во странство изнесува 724 гласачи, односно 46,16 отсто, а во овој одѕив на дијаспората поради временската зона  не се земени предвид шесте избирачки места во Соединетите држави и во Канада, објавија во саботата од Државната изборна комисија (ДИК).

Државната изборна комисија на втората и последна прес-конференција во саботата ги сумираше податоците за денешното гласање на болните и изнемоштените, затворениците и дијаспората. За гласање во Дипломатско конзуларните претставништва се пријавиле 1.781 избирач.

Сѐ уште се отворени  шест гласачки места во САД и Канада. До 19 часот, според информациите од избирачките одбори, вкупната излезност од гласањето во странство изнесува 724 гласачи, односно 46,16 отсто. Во оваа излезност, поради временската зона, не се вклучени шесте избирачки места во САД и Канада, изјави портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска и додаде дека највисока излезност имало во Букурешт, Сараево, Брисел, Берлин.

На 13-те гласачки места во казнено-поправните установи право на глас имаа 1640 гласачи. Гласањето поминало непрекинато и без проблеми и до 19 часот гласале 74,13 отсто од запишаните.

Во единствениот центар за внатрешно раселени право на глас имаа 7 лица.

На овие претседателски избори првпат гласаа гласачи во два старечки дома во Скопје, а од 71 гласач, правото на глас го остварија 65, односно 91,54 отсто, рече Гугучевска.

Избирачките одбори беа одговорни за гласањето на болни и немоќни или лица во куќен притвор.

Во своите домови, гласачкото право го остваруваат 4.407 граѓани кои се пријавиле како болни и немоќни и 12 кои се пријавиле како лица во куќен притвор. Гласањето трае додека не добијат можност да гласаат сите кои се пријавиле, објасни Гугучевска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.