Излитеноста на СДСМ, наспроти новите сили и идеи на ВМРО-ДПМНЕ

Стартот на предизборната кампања покажува повторно два дијаметрално спротивни концепта на обидите да се привлече довербата на гласачите од страна на двете најголеми политички партии,и како што се чини – оној веќе видениот на СДСМ и новиот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквите впечатоци се наметнуваат од материјалите емитувани во првите два дена од кампањата. Бездруго наредните денови ќе следуваат нови пропагандни материјали со целени содржини, но судејжи според првичните кои имавме можност да ги видиме досега недвосмислено се забележува дека владејачката СДСМ сѐ уште се придржува до концептот на сатанизирање на политичкиот опонент секогаш со заплашување на избирачите. Ваквите промотивните спотови на владејачката СДСМ воопшто не се разликуваат од кампањите од крајот на минатиот и почетокот од овој век во кои социјалдемократите ги заплашуваа избирачите со наводни катастрофални сценарија доколку не бидат избрани нивните кандидати. Но истовремено забележливо е дека сега ја промашиле целта и почетокот на нивната кампања е една тешко разбирлива мешавина која дури ги опфаќа и периодите на владеењето на нивните поранешни лидери.

Малку е веројатно дека осмислувачите на кампањата на СДСМ го имале токму за цел дистанцирањето од своите корени, особено поради задржаниот концепт на заплашувања. Едноставно, некадарноста ја фрустрира партијата да се претставува и за овие избори со старите ветувања до 2016-та со неубедливи тврдења за нивно остварување и го тера Заев да се слика пред незавршнени проекти, па дури некои од нив започнати уште во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Поради тоа, се прибегнува повторно кон заплашувања и повторувања на сцени кои, нели, СДСМ „ги победи“ пред четири години.

Се чини дека она што (не го) сработи СДСМ изминатиот период ги ставило на мака и нивните пиар менаџери, кои просто се пренудени да ја следат партиската врхушка којашто како не сфаќа дека повеќе не е во опозиција и оти на неа лежи одговорноста за неуспесите, како и ловориките за успесите. Ама кога многу надвладуваат првите, промоцијата на партиска концепција станува врашки тешка работи, или невозможна мисија.

Тоа секако претставува и опасност, за СДСМ, кампањата да биде лесно читлива и отфрлена од сѐ уште недолучените консументи на партиските пропаганди. Но тоа едноставно произлегува од фактот што партијата на Зоран Заев реално нема со што да се пофали, освен со членството во НАТО и што очигледно ќе биде фокусот на кампањата, а коашто според недвојбеното расположение, посебно кај македонскиот дел од електоратот – е прескапо платено со губењето на вековното име на македонската држава. И уште повеќе со најавата за напредување во асоцирањето кон ЕУ, коешто, пак, изминатите месеци е ставено во контекстот на уште еден национален пораз.

И токму овие два момента ги користи опозициската ВМРО-ДПМНЕ на почетокот од својата кампања. Од причина што надвладувачки кај граѓаните е впечатокот дека владата предводена од СДСМ, како во случајот од договорот со Грција, така и во случај на заканите од Бугарија, ниту поседува капацитет, а ниту има волја и национално чувство (инаку хроничен недостаток кај македонските социјалдемократи) за вистинско преговарање во одбрана на круцијалните национални вредности. Доволен показател за правилното, од аспект на политичко претставување на овој момент, е и тоа што СДСМ во коалицијата со БЕСА признава дека кај македонското гласачко тело значително ја загубиле довербата, па се решаваат за наводен мултинционален концепт. Заборавајќи дека наспроти себе ја има опозициската коалиција во која исто така се партии на малцинските заедници.

Оттаму, ВМРО-ДПМНЕ ја стартуваше кампањата со мотото „Исправи се Македонијо! Одбери обнова!”, јасно алудирајќи на ветувањето на Заев дека треба да се „свитка кичмата“, и како за само само три години полни со неуспеси и понижување „го исполнил само тоа ветување“. Во истиот спот се споменува и влошувањето на ситуацијата во економијата последните три години, но секако дека со развивањето на кампањата ќе следат материјали со конкретни и целно насочени податоци и факти.

Предноста на ВМРО-ДПМНЕ е и во појавата на нови личности како кандидати, што нудат нови идеи и концепти. Наспроти тоа, понудата на СДСМ се ликови кои подолго се присутни на политичката сцена и, не само во текот на последните три години, успеале да се компромитираат пред избирачите. Токму поради тоа и во декември 2016-та и покрај страшно оркестрираната анти-кампања не успеаја да извојуваат реална изборна победа, па нивната влада беше резултат на политички мешетарење и, повторно, трговија со македонските национални и државни интереси.

Лајтмотивот на ВМРО-ДПМНЕ јасно ќе биде реферирањето кон започнување обратни процеси од оние кои ги спроведува власта на СДСМ, во првиот спот симболично претставени со исправањето на луѓето кои претходно се појавуваат превиткани во ‘рбетот – со „свикатаната кичма“. Во главното мото – обновата – кампањата на ВМРО-ДПМНЕ веќе го истакнува и моќниот визуелен ефект и симболиката на обновување на сето уништено во последните три години од владеењето на СДСМ. Во спотовите на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, се вклучени многу млади луѓе, симболизирајќи дека со својата креативност и полетност се иднината на земјата и оние на коишто ќе смета партијата во обновата.

Во услови на епидемијата на коронавирусот, која очигледно ја поштеди СДСМ од споредбите со посетеноста на изборните митинзи, како што беше случајот со фијаската доживеани пред референдумот за промената на уставното, кампањата ќе мора да се пресели на социјалните мрежи.

И тука се чини дека во СДСМ надвладува безидејноста. Веќе е длаботко стивнат и обезоружен нивниот арсенал силно користен пред четири години. Сега истите тие „фејсбук профили“ повторно со шпекулации или „сознанија од доверливи извори“ се обидуваат да го оцрнуваат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ. Но и тие се прочитани, за што многу јасно сведочат коментарите под нивните постови од постојано исти но сѐ помалкубројни корисници со изразено партиско пропагандни коментари.

Од друга страна забележително е непосредна присутност и големата активност на социјалните мрежи на носителите на изборните единици на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљаноска Давкова во ИЕ1, Владо Мисајловски во ИЕ2, Игор Јанушев од ИЕ3, Александар Николовски од ИЕ4, Игор Дурловски од ИЕ5 и Дафина Стојаноска од ИЕ6. Наспроти нивните директни опоненти од власта, кои потонуваат во сивилото и безидејноста со повремени неубедливи пораки и папагалско повторување на „лажни вести“, токму буквално за сѐ и сешто.

Спотовите на СДСМ, барем во оваа фаза од кампањата, се чини дека не се во преден план и она што досега го видовме подоста потсетува на десетгодишната кампања на ВМРО-ДПМНЕ кога ги промовираше своите инфраструктурни проекти, но завршени. Можеби причина за тоа се снимките кои деновиве се појавуваат во јавноста од преговарања за и земање мито.

А тоа предизвика и помалку трагикомична ситуација, кога Заев изјави „На 15-ти јули бираме обнова на патишта, обнова на инфраструктура, обнова на сите капитални проекти кои се останати“, несвесно алудирајќи на слоганот „Обнова за Македонија“ под кој настапува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.