Изложба на уметникот Страхил Петровски во Њујорк

Уметникот Страхил Петровски со мултидисциплинарниот проект „ACTION / REACTION / WOR(L)D” се претстави во Македонскиот културен центар (Gallery MC) во Њујорк, со поддршка од Министерството за култура.

Изложбата претставува повеќе целини во кои преку фотографии, зборови, текстови аплицирани на редимејд-објекти, платна – знамиња, испишани пораки, графити, текстуални инскрипции, калиграфски знаци, букви, видеозаписи, авторот ги пренесува разговорите што се однесуваат на егзистенцијалните прашања со себе и другите…

– Преку проектот Петровски го критикува современото дехуманизирано општество, осврнувајќи се на колективната и личната одговорност изгубена во денешнината на информацискиот хаос. Уметникот ги преиспитува цивилизациските вредности, деценските кризи, деструкцијата од секаков тип и уништувачкиот хаос кој речиси секогаш е неповратен. Уметникот не претендира на визуелни претстави кои би понудиле толкувања или решенија на проблемите, туку верува дека тие ќе генерираат повеќе прашања во однос на проблемите на личната свест и совест во денешнината, пишува, меѓу другото, кураторот Маја Чанкуловска-Михајловска.

Страхил Петровски (1974, Куманово) дипломирал сликарство во 1997 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.  Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност.

Во последните години користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство. Член е на ДЛУМ, работи како советник конзерватор и реставратор во Националниот конзерваторски центар и како доцент по предметите Фотографија и Мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.