Изменета процената за побарувачката на нафтата, се очекува уште подлабок пад

На светот до крајот на 2020 година ќе му биде потребно помалку нафта отколку што покажуваа процените од минатиот месец, поради тешките последици од пандемијата на коронавирусот во неколку азиски економии, објави Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC).

Глобалната дневна побарувачка на нафа ќе се намали оваа година за 9,5 милиони барели дневно, извести OPEC во својот најнов месечен извештај. Пред еден месец беше прогнозиран пад на побарувачката за 9,1 милиони барели дневно.

Процената е изменета поради забавувањето на економиите во азиските земји како Индија, Индонезија, Тајланд и Филипини, поврзано со растот на дневно ниво на случаите на коронаинфекции.

Во 2021 година дневната побарувачка на нафтата би требало да порсне за 6,6 милиони барели дневно, што е за 400.000 барели помалку отколку што покажуваше процената на OPEC објавена во август.

OPEC и групата партенски земји произведувачи на нафта предводени од Русија одлучија во април остро да го намалат производството за да ги поткрепат цените кои паднаа откако побарувачката беше притисната од затворањето на фабриките, забраната за патувања и другите ограничувања во време на пандемијата.

Групата позната како OPEC+ќе се сретне во среда и четврток за да ја разгледа состојбата на пазарот. Иако стратегијата за намалување на снабдувањето на почетокот беше успешна, цените последните седмици повторно паднаа, имајќи предвид дека трговците се загрижени од послабото економско закрепнување во контекстот на растот на бројот на новозаразените со коронавирусот и неговото влијание врз побарувачката на нафтата.