Персонален данок на доход се плаќа на приходите на физичките лица остварени во земјата и странство, во пари, хартии од вредност, во натура, или во некој друг вид, освен приходите кои се изземени од оданочување со овој закон. Персоналниот данок на доход меѓу останатите видови на приходи, се плаќа и на приходите остварени по основ на капиталните добивки од продажба на хартии од вредност, учество во капиталот и недвижен имот.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на РМ“, бр.116 од 09.07.2015 година и бр.129 од 31.07.2015 година) пропишани се следните измени и дополнувања:
Измени во законските одредби со кои се регулира даночниот третман на капиталните добивки од продажба на недвижен имот
- Дефинирање на поимот „продажна цена на недвижниот имот“.
- Дефинирање на поимот „набавна цена на недвижниот имот во случај кога недвижниот имот даночниот обврзник сам го изградил“.
- Целосно оданочување на капиталната добивка остварена од продажба на недвижен имот, освен капиталната добивка остварена со продажба на недвижниот имот во висина од 70% која ќе се оданочува под услов кога обврзникот живее најмалку една година пред продажбата на недвижниот имот, кој е предмет на продажба.
- Oслободување од плаќање на персонален данок на доход за капитална добивка остварена од продажба на недвижен имот, доколку:
– обврзникот, кој живее најмалку една година во недвижниот имот пред продажбата, го продава по истекот на три години од денот на стекнувањето;
– обврзникот го продава недвижниот имот по истекот на пет години од денот на стекнувањето;
– обврзникот го продава недвижниот имот стекнат по основ на наследување или подарок кој е ослободен од плаќање на данок согласно со одредбите од Законот за даноците на имот;
– приходот е остварен од продажба извршена меѓу брачните другари, како и од страна на брачните другари, извршена на трето лице во случај кога продадениот недвижен имот е во непосредна поврзаност со развод на бракот.
Даночен третман на надоместокот на трошоци за хотелско сместување, храна и превоз за лица кои не се вработени кај филмскиот продуцент, кои учествуваат при производство на филм наменет за јавно прикажување
Ослободување од плаќање на персоналниот данок на доход во висина на стварните трошоци, утврдени врз основа на документ за направените трошоци.
Продолжување на рокот за исплатувачите при издавање примерок од пресметката за аконтацијата на данокот и наплатените придонеси и збирен податок за вкупно платената аконтација
Примерок од пресметката за аконтацијата на данокот и наплатените придонеси и збирен податок за вкупно платената аконтација, исплатувачот е должен да го издаде по истекот на годината најдоцна до 25 јануари наредната година.
Намалување на глоби
Казнените одредби во Законот за персоналниот данок на доход се усогласени со Законот за прекршоци.