Измените на Изборниот законик и Законот за медиуми не ги опфатија порталите – ќе се работи по старо

Измените на Изборниот законик и Законот за медиуми, сепак не доведоа и до измени во работата на електронските медиуми за време на изборниот процес. Иако првично беше најавено дека Државната изборна комисија ќе ја набљудува работата на порталите, ваквиот предлог, барем за претстојните претседателски избори, нема да се реализира.

Одредбите, кои се однесуваа на обврската – Државната изборна комисија да врши мониторинг на електронските медиуми за време на изборните процеси, се веќе избришани од предлог-измените во Изборниот законик и Законот за медиуми, па оттаму останува да се работи „по старо“. Бришењето на овие одредби е веќе објавено и во Службен весник.

Образложението за ваквата постапка е дека ДИК нема технички услови за да ја спроведе оваа активност.

Инаку, со останатите измени, останува единствено задолжението Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да го врши мониторингот на известувањето на радијата и телевизиите, но АВМУ е должна во рок од 30 дена од денот на донесувањето на измените да донесе Методологија за мониторинг на изборното медиумско претставување за време на изборните процеси и истите да ги објавува на својата веб страница.