Израел бомбардираше воена база во Ирак

Авионите на военото воздухопловство на Израел два пати го нападнале кампот Ашраф и базата Хашд Ел Шаб кои се наоѓаат североисточно од Багдад во Ирак.

Како што пренесуваат израелските медиуми, нападот над кампот и воената база бил извршен затоа што таму биле стационирани ирански воени советници и оружје, а бил извршен со најмодерните стелт авиони на израелското воено воздухопловство.

Нападите биле извршени на 19-ти и 28-ми јули, а засега сите детали се чуваат во тајност. Првиот ден неколку „стелт“ ловци од петта генерација „Ф-35 Адир“ долетале на околу 80 километри од границата на Иран без воопшто да бидат забележани. Наводно и во текот на вториот напад биле искористени истите ловци кои уште еднаш ја докажале својата супериорност.

Според воените експерти, за реализација на ваква мисија, авионите морале да прелетаат најмалку илјада километри во „невидлив режим“ со сокриено оружје во трупот на ловецот. Најверојатно авионите во текот на мисијата добиле дополнување на горивото во воздух.

Иако од израелската армија не го коментираат официјално изведувањето на нападите на иранските позиции во Ирак, во интервјуто за порталот „Брејкинг Дифенс“, израелскиот генерал-мајор во пензија, Амос Јадлин оцени дека веста најверојатно е точна.

Пред неколку дена за прв пат оваа вест ја пренесе и весникот „Ашарк Ел Авсат“ чии што новинари, повикувајќи се на неименувани западни дипломати, пренесоа дека израелското воено воздухопловство за прв пат ги користело најмодерните борбени авиони „Ф-35 Адир“ во акција против Иран и Ирак.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.