Израел двапати се обидел да го ликвидира командатот на Хамас, нема знаци за примирје

Израелските сили и ноќта од вторникот кон средата продолжија со бомбардирањето на палестинската енклава Појасот Газа од воздух, а палестинските милитанти со прекуграничниот ракетен оган и нема никакви знаци за прекин на огнот и примирје и покрај меѓународните повици по речиси десет дена судирите да завршат.

Армијата за одбрана на Израел од почетокот на судирите на 10-ти мај, двапати се обидела целено да го ликвидира Мохамед ал-Дејиф, еден од челниците на групацијата „Бригадите на Изедин ал-Касам“, којашто дејствува како вооружено крило на радикалното палестинско движење Хамас кое го контролира Појасот Газа, објави весникот The Times of Israel, повикувајќи се на воени извори.

Според соговорниците на весникот, двата обида биле неуспешни, и ал-Дејиф успеал да ги преживее.

Од друга страна, 12-от канал на израелската телевизија информираше дека „израелските сили инсистираат на елиминација на клучните водачи на Хамас“. Според телевизијата, командата на Армијата за одбрана на Државата Израел ја известила владата дека „сегашната ситуација овозможува ликвидација на ал-Дејф и другите важни лица“ во врвот на движењето.

Инаку во вторникот попладнето беше јавено дека два тајландски работници загинале а седум лица се ранети во ракетен напад врз израелска фарма во близина на границата со Газа, соопшти полицијата. Одговорноста за нападот ја преземаа Хамас и исламистичката групација Исламски џихад. Ракети биле истрелани и кон градовите Ашдод, Ашкелон и Бершеба, посеверно од граница, поради што тамошните жители масовно оделе во засолништата.

Медицински извори од Газа објавија дека од почетокот на борбите на 10-ти мај до вторникот вечерта се убиени 217 Палестинци, од кои 63 се деца, а повеќе од 1.400 луѓе се ранети. Израелските власти, пак, соопштија дека во Израел во ракетирањата загинале 12 лица, од кои две се деца.

Речиси 450 згради во Газа се уништени или тешко оштетени, вклучително и шест болници и девет здравствени центри, соопшти хуманитарната агенција на Обединетите нации. Меѓу 48.000 и 52.000 луѓе се раселени и згрижени во 58 училишта под покровитетлство на ОН.

Израел тврди дека врз неговата територија од Појасот Газа се лансирани повеќе од 3.450 ракети, од кои близу 500 паднале во самата палестинска енклава веројатно предизвикувајќи цивилни жртви, а дека дури 90 отсто од другите ги пресретнал противракетнот систем „Челична купола“.

Хамас започна да лансира ракети кон Тел Авив и Ерусалим минатиот понеделник во знак на одмазда за, како што соопшти движењето, кршењето на правата на Палестинците во источен Ерусалим во текот на муслиманскиот свет месец на постот Рамазан.

Франција во вторникот повика на носење резолуција во Советот за безбедност при ОН за насилствата меѓу Израел и палестинските милитанти, но САД повторно блокираа наведувајќи дека сметаат оти тоа нема да помогне во смирување на кризата, туку дека се наопходни тивки и интензивни заткулсини преговори.

Посредниците од Египет и ОН, исто така, ги засилија дипломатските напори, а Генералното собрание на ОН ќе расправа за насилствата во четврток.