Израел ќе ги затвори синагогите како дел од борбата против коронавирусот

Синагогите во Израел ќе бидат затворени како дел од зголемените мерки за борба против коронавирусот што земјата планира да ги воведе.

Новите мерки се очекува да бидат објавени во текот на денешниот ден.

Според извештаите на локалните медиуми, властите планираат да им забранат на Израелците да се оддалечуваат повеќе од 100 метри од своите домови и да дозволат само едно лице од секое семејство еднаш дневно да излегува на пазар.

Според сегашните правила, во затворен простор е забрането собирање на повеќе од десет лица.

Неодамнешната анализа на израелскиот здравствен информативен центар покажува дека речиси 25 проценти од луѓето се заразиле со коронавирус во синагога.

Главниот рабин во земјата ги повика Евреите, додека се во изолација во нивните домови, да учествуваат во денешната заедничка молитва за спречување на епидемијата.

Во Израел се потврдени над 2.000 случаи на заразени со коронавирус, меѓу кои пет смртни случаи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.