Израел ќе им го одземе правото на престој или државјанство на осудените милитанти

Милитантите осудени за напади во иднина би можеле да го изгубат правото на престој во Израел или да го изгубат државјанството, според новиот закон усвоен од парламентарците во Ерусалим во средата.

Пратениците во Кнесетот (оарламенбтот) со големо мнозинство го поддржаа законот кој се однесува на сторителите на насилни напади кои добиваат финансиска поддршка од Палестинската самоуправа. Законот предвидува и нивна депортација во областите под палестинска контрола, а ја доби поддршката од 94 од 120-те пратеници на Кнесетот, 10 беа против, а 16 беа воздржани и отсутни. За споменатиот закон гласаше и голем дел од опозицијата

Законот главно се однесува на Палестинците во источниот дел на Ерусалим, кои често имаат израелски лични карти, но ретко имаат државјанство.

„Нема поправеден закон. Реалноста дека жител или граѓанин на Израел зема пиштол и убива, а потоа добива плата од палестинската управа е болна и луда“, рече поранешниот заменик-министер за надворешни работи Зеев Елкин од Партијата за национално единство.

Арапскиот пратеник Ахмед Тиби го критикуваше законот.

„Убиецот на премиерот нема да биде депортиран?“, рече тој, мислејќи на Џигал Амир, еврејскиот екстремист кој го уби премиерот Јицак Рабин на мировен митинг во 1995 година.

Безбедносната ситуација во Израел и на палестинските територии останува крајно напната. Од почетокот на годината, девет Израелци и една Украинка се убиени во палестинските напади. Во истиот период, 48 Палестинци загинаа во судири со израелските сили или непосредно по извршување напади.