Израел го менува текстот на песната за да си го осигури учеството на Евровизија

Израел ќе го промени текстот на песната со која има намера да се натпреварува на изборот Евровизија за да го елиминира секој политички елемент и да го гарантира своето учество, објави во неделата Израелската радиодифузна корпорација (KAN).

Откако првично се закани дека ќе се повлече од конкурсот доколку израелската песна не биде прифатена како што е, KAN на крајот објави дека на крајот се согласиле со мислењето на израелскиот претседател Исак Херцог кој „ги предложи потребните прилагодувања“.

„KAN контактираше со текстописците на двете избрани песни, ‘Октомвриски дожд’ (October Rain), која беше избрана како прва и ‘Танц засекогаш’ (Dance Forever), која беше второпласирана, барајќи од нив да го адаптираат текстот со зачувување на уметничката слобода“, соопштија од корпорацијата.

„Октомвриски дожд“ не го споменува експлицитно крвавиот напад што Хамас го изврши на југот на Израел на 7-ми октомври, но според израелските медиуми и независните набљудувачи, текстот на песната не остава простор за сомнеж.

„Танц во бура/ Немаме што да криеме/ Одведи ме дома/ Остави го светот зад себе/ И ветувам дека тоа никогаш повеќе нема да се случи/ Уште сум мокра од овој октомвриски дожд“, е текстот на песната.

По добивањето на изменетиот текст, јавниот радиодифузер ќе „избере песна што ќе ја испрати“ до организаторите „за да можат да го одобрат учеството на Израел на натпреварот“, додаде KAN.

До 10-ти март ќе се знае која песна е избрана.

Израелско-рускaтa пејачka, 20-годишнaтa Еден Голан треба да го претставува Израел на овогодинешниот натпревар кој ќе се одржи во мај во Малме, Шведска.

Неколку земји ги повикаа организаторите да му забранат на Израел да учествува на Изборот за песна на Евровизија во знак на протест против огромните цивилни жртви во војната во Појасот Газа, по примерот на Русија и Белорусија поради војната во Украина.

Израел е првата неевропска земја на која ѝи е дозволено да учествува на Изборот за песна на Евровизија во 1973 година. Израелските изведувачи победија четири пати.