6 C
Skopje
сабота, декември 5, 2020

Израел го враќа карантинот во целата земја

121

Владата на Израел сериозно размислува за повторно воведување на карантин низ целата земја, пренесува Би-Би-Си.

Причината за ова е фактот дека властите неуспешно се борат со наглото зголемување на бројот на новоинфицирани со коронавирус.

Министерството за здравство вчера објави 3.904 нови случаи на инфекција, соборувајќи го дневниот рекорд за бројот на новозаразени. Вкупниот број на заразени на тој начин достигна 142.582. Исто така, пријавени се единаесет смртни случаи, со што вкупниот број на смртни случаи од ковид-19 во Израел се искачи на 1.054.

Во вторникот, започна бран на затворање на училиштата и полициски час во 40 области на Израел со најголем број нови инфекции.

Но, здравствените власти сега препорачуваат едномесечна блокада во целата земја.

Израелските медиуми јавуваат дека предложената блокада може да започне денес, ден пред еврејскиот новогодишен фестивал – Рош Хашана. Тоа би вклучувало затворање на училиштата, рестораните, трговските центри, пазарите и концертните сали и слични масовни настани.

Друга опција на масата на израелската влада би вклучувала затворање на сите горенаведени бизниси, но движењето на населението би било нешто помалку ограничено отколку во опцијата за целосно затворање.

Аналитичарот на Би-Би-Си, Том Бејтман потсетува дека Израел беше меѓу најуспешните земји во светот во борбата против епидемијата на коронавирус пролетта. Покрај тоа, тие имале многу мал број смртни случаи во споредба со другите земји.

Но, сега владата се соочува со сè поголеми критики за губење контрола над епидемијата. Денеска еден од водечките израелски научници предупреди дека епидемијата наскоро може да го загрози функционирањето на болниците.

Од вчера, во израелските болници имало 474 сериозно заразени со ковид-19.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека „владата прави сè за да го одржи функционирањето на економијата, притоа зачувувајќи го животот и здравјето“.

Бројот на случаи во Израел започна нагло да расте во мај кога владата одлучи да ја олабави блокадата наметната на почетокот на епидемијата.

Минатата недела, според податоците на водечкиот американски универзитет за здравство Џонс Хопкинс, Израел пријавил најголем број на заболени лица по глава на жител, потсетува Би-Би-Си.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.