Израел и Хамас договорија прекин на судирите во Газа

Палестинското исламистичко движење Хамас, кое ја контролира палестинската енклава, и израелските власти, соопштија во понеделникот вечерта дека договориле прекин на речиси секојдневната размена на оган во Појасот Газа и околината по еден месец.

„По дијалогот и различните контакти, а последниот беше со катарскиот претставник Мохамед ел-Емади, постигнат е договор за сузбивањето на ескалацијата и прекинот на ционистичката агресија врз нашиот народ“, се истакнува во соопштението од канцеларијата на политичкиот претставник на Хамас во Газа, Јахја Синвар.

Израелската војска од 6-ти август речиси секоја ноќ го бомбардира појасот Газа, како одговор на лансирањето запалливи балони и ракетирањата на Израел од оваа палестинска територија.

Во оваа размена на оган имаше ранети, но нема жртви, освен четворицата борци на Исламски џихад, втората влијателна исламистичка групација којашто дејствува во Појасот Газа, кои настрадаа во експлозија на бомба која имале намера да ја употребат против Израел.

Како одговор на запалливите балони коишто, според израелската противпожарна служба, предизвикале повеќе од 400 пожари во Израел, еврејската држава ја зајакна блокадата на Газа, која ја воведе пред повеќе од десет години.

Израелските власти овие седмици им го забранија пристапот на рибарите од Газа во Средоземното Море, го затворија Карем Шалом, единствениот граничен премин за транспорт на стоки од Израел кон Газа и ги прекинаа испораките на гориво во палестинската енклава, поради што мораше да биде затворена и единствената електрична централа во Појасот Газа.