Израел им дозволи на христијаните од Газа да го посетат Ерусалим за Божик

Израел соопшти дека ќе им дозволи на христијаните од Појасот Газа да патуваат за Ерусалим и Западниот брег за време на Божик.

Се досега не беше познато дали Израел ќе издаде дозволи за припадниците на малубројната христијанска заедница да ја напуштат територијата што е под контрола на Хамас, пренесоа синоќа американските медиуми.

КОГАТ, тело на израелското Министерство за одбрана задолжено за пелестинските цивилни прашања, објави дека дозволите ќе бидат издавани во „согласност со безбедносната проценка и без разлика на годините“.

Ова тело претходно најави дека Израел се уште не одлучило дали ќе издава групни дозволи и ќе разгледува индивидуални барања, како и да дозволува 100 христијани од Појасот Газа да отпатуваат во странство.

Претходните години Израел издаваше дозволи за патувања на голем број христијани од Појасот Газа за да ги посетат верските места и заеднички да минат време со семејствата во Израел и Западниот брег.

Во Појасот Газа живеат околу 1.000 христијани, а меѓу нив повеќето се грчки православни христијани, додека католиците сочинуваат околу една четвртина од оваа малубројна заедница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.