Израел има нов министер за одбрана, Нетанјаху доби нова поддршка

52

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го објави во петокот именувањето нов министер за одбрана и приклучување на тројца пратници од десниот центар на неговата партија која настојува да се задржи на власт.

Нетанјаху, кој во моментов извршува три должности – премиер, министер за одбрана и шеф на партијата Ликуд, би го препуштил ресорот во одбраната на Нафтали Бенет, кој со уште двајца пратеници се приклучи на неговата партија.

Бенет ја прифатил функцијата министер за одбрана која му ја понудил Нетанјаху, наведе Ликуд во соопштение. Но, доколку новата влада биде формирана следните седмици „нова личност ќе биде именувана за министер за одбрана“, прецизираше партијата.

„Заеднички се договоривме дека Бенет ќе биде министер за одбрана до основање на новата влада“, потврди Ајелет Шалед, истакната личност од израелската радикална десница и политички сојузник на Нафтали Бенет.

Со додавањето на овие нови гласови Ликуд сега има 35 места од 120 мандати во Кнесетот (израелскиот парламент), или два повеќе од центристичката партија „Сино-бело“ на поранешниот воен командант Бени Ганц, голем противник на Бенјамин Нетанјаху.

Откако не успеа да ја состави владата по изборите во септември, Нетанјаху беше принуден да му препушти на Ганц да се обиде да осигури мнозинство од 61 пратеник. Но директната поддршка од Нафтали Бенет и неговите колеги од новата десница за Ликуд ги ограничува опциите на Ганц.

Доколку Ганц до 20-ти ноември не обезбеди мнозинство, Кнесетот во рок од 21 ден мора да најде нов кандидат за премиер и да го извлече Израел од политичката блокада. Доколку не успее, ќе бидат одржани третите избори за помалку од една година. Во тој случај Нетанјаху би останал на власт до завршувањето на тие избори, како и неговиот нов министер за одбрана.

Преговарачите на Натанјаху и на Ганц неуспешно се среќаваа последните седмици во настојувањата да направат коалициска влада.

„Се чини дека Нетанјаху одлучил да го турне Израел кон третите избори. Тоа е ужасно за земјата“, рече Ганц во петокот. Предупреди, исто така, на „несоодветното“ именување на Бенет на една од најчувствителните функции во земјата врз основа на „блиските политички ставови и личниот интерес“ на Бенјамин Нетанјаху.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.