Израел изрази благодарност за македонските политичари за поддршката на борбата против Хамас

Државата Израел и израелскиот премеир Бенјамин Нетанјаху преку социјалните мрежи во неделата изразија благодарност до 25 држави во светот „за поддршката на правото на Израел да се заштити од терор“,  меѓу кои се и Македонија, САД, Канада, Албанија…

За жал, и во последниот конфликт во Израел гинат и Палестинци и Евреи и Арапи, припадници на трите религии.

Во пораката објавена на својот твитер акаунт Нетанјаху напиша „Ви благодарам што сте решително крај Израел и зашто го поддржувате нашето право на самооббрана од терористичките напади“.

Меѓу другото благодарност е изразена и за македонските политички субјекти кои изразија поддршка за Израел во најновата епизода од ескалацијата на конфликтот меѓу палестинското исламистичко движење Хамас, кое САД и ЕУ и нивните сојузници го ставија одаман на листата терористички организации и израелската војска.

Премиерот Зоран Заев на својот акаунт на Twitter го спомена овој конфликт, индиректно давајќи поддршка за Израел.

„Со загриженост ги следиме случувањата во Израел и појасот Газа. Животите на луѓето се бесценети и затоа насилството треба да запре. Не смее да има толеранција за антисемитистички напади. Не смее да има толеранција за напади врз цивили на која било страна. Дијалогот е решение“, напиша Заев.

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ, преку својот лидер Христијан Мицкоски објави посредна поддршка за Израле, појаснувајќи дека изјавата на партискиот челник не се однесува кон палестинскиот народ, ниту, пак, кон муслиманите или, пак, арапското малцинство во Израел. Појаснија дека се однесува на правото на држава осведочен пријател на Македонија да ја заштити својата територија кога таа е ракетирана од милитнатни групации.

„Водедно и оваа прилика апелираме на прекин на огнот, наоѓање на заедничко решение и смирување на тензиите и насилствата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Внимателно ја следиме состојбата во Израел, значајното зголемување на насилствата, вклучително и постојаниот напад од ракетен оган од појасот Газа кон Израел. Испалувањето на ракети од Газа насочени кон цивилното население на Израел е целосно неприфатливо и дополнително ги зголемува тензиите во регионот. Истовремено го издвојуваме правото на Израел за заштита и одбрана на своето население и територија од нападите на терористичката организација Хамас.

Апелираме кон политичките лидери во Израел и во регионот да продолжат со вложување на искрени напори за деескалација на судирите и одлучно да дејствуваат против екстремизмот кој создава сериозни безбедносни проблеми и го загрозува животот на цивилното население.

Изразуваме длабоко сочувство за секој изгубен живот и посакуваме што побрза деeскалација на состојбите, што би значело мирен и безбеден живот за сите граѓани во тој регион“, објави Мицкоски на својот фејсбук профил.

Во саботата и Министерството за надворешни работи со кое раководи Бујар Османи од редовите на ДУИ се придружи на официјален Брисел во осудата на неселективните напади на палестинскoто движење Хамас врз Израел.

Македонската дипломатија го реобјави твитот на челничката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во кој таа го осудува однесувањето на Хамас.

„Многу сум загрижена од ситуацијата во Израел и Газа. Јас ги осудувам неселективните напади на Хамас врз Израел. Цивилите од сите страни мора да бидат заштитени. Насилството мора да заврши сега”, пишува во пораката за јавноста што ја реобјави министерството што го води Османи.