Израел: Лидер на арапска партија нуди поддршка за ривалот на Нетанјаху

Лидерот на главната арапска партија во израелскиот парламент Ајман Одех понуди да го поддржи лидерот на „Сино и бело“ Бени Ганц за премиер и да влезе во коалициската Влада.

Медиумите коментираат дека со тоа би бил ставен крај на повеќедецениската политичка маргинализација на израелските Арапи, но и крај на владеењето на Бенјамин Нетанјаху.

– Без нас, десничарската влада нема да биде сменета. Тоа не можеме да го направиме сами, но и без нас тоа не може да се постигне, изјави Одех.

На 17 септември Израелците по вторпат годинава ќе излезат на избори, откако по гласањето во април Нетанјаху не успеа да формира владејачка коалиција.

Израелските Арапи претставуваат 20 проценти од деветте милиони жители на Израел. Арапските лидери досега велеа дека не се заинтересирани да влезат во влада поради стравувањето дека на нив ќе се гледа како на некој кој прифаќа окупација на палестински територии и ги оправдува воените операции против Палестинците. Од друга страна, еврејскиот естаблишмент не сака да бидат на власт оние кои се сметаат за непријатели. Од тие две причини, израелските Арапси се политички маргинализирани уште од создавањето на Израел во 1948 година.