Израел одговорил на сириски напади, погодени неколку цели

Израелската војска соопшти во неделата дека како одговор на ракети истрелани кон израелската територија, преземала ракетен противудар и притоа биле погодени неколку цели во Сирија.

Шест ракети биле истрелани кон Голанската висорамнина, којашто Израел ја окупира во ткн Шестдневна војна во 1967 година и каде на крајот од 2021 година најави дека повторно ќе гради доселенички населби.

Нападите почнале во саботата вечерта, соопштија Силите за одбрана на Државата Израел (IDF), што дополнително ги зголеми тензиите во регионот по започнатите судири. Нападите следеле во два наврата, според израелските сили. Во вториот напад две ракети „минале на израелската територија, а една ракета била пресретната. Претходно биле лансирани три ракети, од кои една паднала во јужниот дел од Голанската висорамнина. Нема извештаи за настрадани или жртви.

Како одговор, израелската војска ги погодила лансерите во Сирија од кои бил истрелани ракетите, како и сириски воен комплекс, радарски системи и воени артилериски позиции.

Голанската висорамнина е стратешки важна каменеста област, долга околу 60 и широка 25 километри. Оваа област Израел ја зазема во текот на Шестдневната војна во 1967 година, а ја анектираше во 1981 година. Меѓународната заедница ја сметаа оваа област сириска територија окупирана од страна на Израел.

Повеќе од 50.000 луѓе живеат во моментов на Голанската висорамнина која изминатите години беше неколкупати гранатирана од џихадистичките групации против кои се бореше владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Малку повеќе од половината се Евреи, а другата половина сочинуваат Друзите – автохтона етноконфесионална заедница, и алавитите односни припадници на огранок на шиитскиот ислам.

Израелските воздушни сили редовно бомбардираат цели во соседна Сирија во настојувањата да го спречат ширењето на иранското воено влијание во земјата која е во војна од 2011 година. Израел речиси никогаш или многу ретко ги потврдува таквите напади.

Ракетните напади од ноќта кон неделата следеа по зголемените тензии во регионот, откако последните денови израелската територија беше ракетирана од Појасот Газа и од Либан, а Израел веднаш одговори со противнапади.