Челникот на Агенцијата на Обединетите нации за помош на Палестиците (UNRWA), Филипе Лазарини, изјави во неделата дека Израел ја известил светската организација дека повеќе нема да ги одобрува конвоите со храна на агенцијата за северните области на Појасот Газа.
„Ова е неверојатно и намерно се попречува помошта што би спасила животи поради гладот предизвикан од човек. Овие ограничувања мора да бидат укинати“, објави Лазарини на платформата X.
UNRWA, која обезбедува помош за палестинските бегалци во Појасот Газа и во целиот блискоисточен регион, е во криза откако Израел обвини дека наводно десетина вработени во агенцијата биле вмешани во нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври. Меѓутоа, ОН и Европската унија претходно седмицава порачаа дека Ираел досега не доставил ниеден доказ за своите тврдења, иако UNRWA суспендираше десетици вработени поради искажаните обвинуввања.
Обвинувањата го поттикнаа најголемиот донатор на UNRWA, САД и некои други нивни сојузници, привремено да го замрзнат финансирањето, ставајќи ја во прашање иднината на агенцијата. Сепак, некои други земји, вклучувајќи ги Канада, Австралија и Шведска, одлучија да го вратат финансирањето на агенцијата.
UNRWA и Египет минатата седмица соопштија дека израелските власти му го одбиле барањето за влеза во Газа на Лазарини, кој беше во посета на Каиро.
„Со спречување на UNRWA да го исполни својот мандат во Газа, часовникот ќе отчукува побрзо кон гладување и многу повеќе луѓе ќе умрат од глад, дехидрација и недостаток на засолниште“, додава Лазарини.