Израел проценува дека нападот врз Сирија не ги постигнал целите

Нападот врз наводните постројки за производство на хемиско оружје во Сирија, предводени од САД на кои им се придружија во саботата утрото и Велика Британија и Франција, не ги постигнал повеќето од целите и нема да го заплаши сирискиот претседател Башар ал-Асад, проценува израелското разузнавање.

„Доколку претседателот (на САД, Доналд) Трамп го наредил нападот само за да покаже дека САД одговориле на употребата на хемиско оружје на САД, тогаш целта е постигната. Но доколку постоела друга цел, како што е парализирање на способноста да се употреби хемиско оружје или Асад да се одврати од негово повторно користење, се поставува прашањето дали барем една од тие цели е постигната“, изјави неименуван висок израелски функционер од одбраната, пренесуваат израелските медиуми.

Друг израелски разузнавачки функционер, кој исто така барал да остане анонимен, додал дека изјавите како што е „исполнета мисија“ и дека на способноста на Асад да користи хемиско оружје ѝ е зададен „смртоносен удар“, неамаат никаква основа, пренесува дневниот весник Haaretz.

Израелските одбранбени функционери, вклучително и од разузнавањето Мосад, проценуваат дека Асад бил во состојба да задржи пет до десет отсто од резервите на хемиско оружје, откако го потпиша Договорот за хемиско разоружување на својата земја во 2013 година и дека настојува да го сокрие она што е останато.

Откако Трамп започна со заканите минатата седмица, Сиријците вложиле дополнителни напори да ги преместат, разместат и да ги сокријат авионите и муницијата, пренесуваат натаму израелските медиуми. Процените на Израел се дека од споменатиот договор, Сирија користела хемиско оружје околу 100 пати, со уште 100 нерешени случаи.

Асад наводно, според израелското разузнавање, користел сарин и мустард гас, но не и VX, коешто е најсмртоносното оружје што го поседува, бидејќи се верува дека го чува како оружје за „судниот ден“. Сирискиот претседател често употребува хлорин, којшто САД не го вклучиле во договорот, пренесуваат израелските медиуми.

Според засега собраните информации на израелското разузнавање, само некои хемиски постројки за коишто знае Израел, се уништени во нападот изминатиот викенд. „Дури и сите да се уништени, не го вклучуваат сето хемиско оружје за коешто е тешко да се каже каде Сиријците го кријат“, рекол еден израелски функционер од безбедноста.

Фактот дека немаше никакви извештаи за истекување на хемикалии во Сирија по нападите на западните сојузници, само ги поттикнува процените дека не се погодени најголемите резерви. Покрај тоа, на сириските воздухопловни сили им е зададена само мала штета, така што сириската способност да го користи тоа хемиско оружје не е компромитирана. Заклучокот е дека е нанесена само делумна штета на резервите од хемиско оружје и способноста за негово користење.

Покрај тоа, поради најавите на Трамп дека американските сили наскоро ќе ја напуштат Сирија и изјавите на други американски функционери дека нема планови за напади во иднина, Асад не е заплашен, се додава во заклучокот на израелското разузнавање. „Ако сакаш да пукаш, пукај а не зборувај. Во американскиот случај тоа е главно разговор. Тие самите укажуваат дека акциите нема да следат“, рекол израелски дипломатски извор.

Израелските функционери веруваат дека САД намерно не ја покажуваат својата способност да дејствуваат против Сирија, за да не мора тоа да го прават. Во неколку наврати израелските функционери, наводно, им кажале на американските колеги дека САД имаат способност да сторат повеќе за сирискиот народ, што било дочекано со дигање на рамениците и објаснувања дека тоа не може да се изведе оперативно.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.