Израел со посредување на САД ги нормализираше односите и со Судан

Израел и Судан во петокот со американско посредување договориле нормализација на односите, со што Картум стана третата арапска муслиманска престолнина која во последните три месеца ги прекинува непријателствата со еврејската држава.

Васел Абу Јусеф, член на извршниот комитет на Палестинската ослободителна организација (PLO), изјави дека одлуката на Судан за нормализацијата на односите со Израел претставува забивање „нов нож во грбот“ на Палестинците, имајќи ги предвид претходните такви договори со Бахреин и со Обединетите Арапски Емирати.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот е постигнат по телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и суданскиот премиер Абдал Хамдок.

Остварувањето на постигнувањето на договорот меѓу арапската и еврејската држава беше отворено претходно оваа седмица, кога Трамп објави дека донел одлука да го тргне Судан од листата „држави спонзори на тероризмот“.

„Челниците договорија нормализација на односите меѓу Судан и Израел и крај на непријателствата меѓу двете нации“, се наведува во заедничкото соопштение на трите држави.

Израел и Судан сега планираат започнување економска соработка, прво фокусирајќи се на земјоделството, се додава во соопштението.

Израел во септември потпиша договори за нормализација на односите со Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, што беше третиот договор за нормализација на односите меѓу Арапите и Израелците од прогласувањето на еврејската држава во 1948 година. Израел претходно имаше мировни договори со Египет потпишан во 1979 година, а со Јордан во 1994 година.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.