Израел тврди дека не планира нови населби на спорната територија

Во средата Израел се обиде да ја смири загриженоста на неговите западни сојузници поради промената на законот којшто забрануваше населување на областите евакуирани во 2005 година, објавувајќи дека не планира да гради нови населби во областа.

Кнесетот (парламентот) во вторникот укина делови од споменатиот закон, што практично може да им овозможи на Израелците да се вратат во четирите евакуирани населби на северниот дел на палестинската енклава Западниот брег, под услов на неопходното одобрение од војската.

Тој чин беше дочекан со протести од страна на Палестинците кои сакаат да ја основаат својата идна држава на Западниот брег (на реката Јордан), како и со критики од западните сили кои внимателно го следат влијанието на крајно десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху врз преговорите кои долго време стојат во место.

Неговиот кабинет во средата соопшти дека гласањето во Кнесетот по долго врмее го „прекина дискриминаторскиот и понижувачки закон со кој им се забранува на Евреите да живеат во областите на северна Самарија“, делот од историската татковина.

„Владата нема намера да основа нови заедници во овие области“, се додава.

Поголемиот дел од меѓународната заедница ги смета овие населби за нелегални, бидејќи се наоѓаат на земјиште што Израел го освои во војната во 1967 година.