Израел започна изградба на нова еврејска населба

(Photo by AFP)

Израел во вторникот започна со градењето на нова еврејска населба на Западниот брег (од реката Јордан), прво по последните 25 години на териториите кои меѓународната заедница ги смета за окупирани палестински со војната од 1967 година, додека американските претставници се обидуваат да го заживеат мировниот процес кој е во застој, меѓу другото и токму поради израелската колонизација.

Портпаролот на палестинската политичка автономија Набил Абу Рудеина веднаш го осуди градењето како „обид за минирање на американските напори“ и оцени дека тоа покажува дека „Израел не верува во американските напори“.

„По повеќе децении имам почест да бидам премиер кој грди нова населба во Јудеја-Самарија“, напиша за градењето премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху на Twitter, користејќи го библиското име за Западниот брег, мала палестинска енклава која пред 50 години ја окупираше израелската војска и на којашто, според меѓународното право, нелегално живеат повеќе од 400.000 доселеници.

„Денеска на теренот започнаа работите, како што ветив, на изградба на новата населба за жителите од Амона“, додаде Нетанјаху.

Во населбата Амихај, првата којашто се гради по 25 години, ќе се доселат четириесетина семејства кои во февруари мораа да ја напуштат населбата Амона, ткн дива населба којашто беше подигната нелегално, односно на палестинско земјиште во приватна сопственост.

Во моментов се уредува теренот на кој ќе се постават десетина мобилни куќи, изјавил портпаролот на главната доселеничка организација за агенцијата AFP.

Оваа информација е објавена ден по пристигнувањето на Џејсон Гринблат, претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, кој треба да се сретне со израелските и со палестинските челници за да ги заживее мировните преговори прекинати во пролетта 2014 година. Во среда ќе му се придружи зетот и советник на претседателот, Џаред Кушнер.

По стапувањето на претседателската должност, Доналд Трамп, кого инаку го сметаат за понаклонет кон израелските ставови од неговиот претходник Барак Обама, Израел пет пати најавуваше дека ги проширува своите населби за повеќе од 6.000 еврејски доселеници.

Белата куќа, пак, подоцна го повика Израел да се воздржи од градење на населбите на Западниот брег, додека израелската влада сака а создаде услови за продолжување на градењето на палестинските подрачја, а притоа да не ја вознемири американската администрација.

Со градењето на еврејските населби кои продолжува под сите израелски влади од 1967 година, се намалува територијата на којашто би требало да се создаде планираната палестинска држава и ја загрозува територијалната поврзаност, а со тоа и опстојувањето на таквата држава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.