Израелци повредени на Западниот брег, напаѓачот убиен

Тројца Израелци се повредени во саботата во палестинската енклава Западниот брег (на реката Јордан) кога возило удрило во нив, а осомничениот напаѓач бил убиен од израелски војници, објавија медиумите за нова епизода на насилство по релативното примирје.

Помалку од 24 часа претходно, израелската полиција уби израелски Арап за кој тврди дека грабнал полициско оружје и пукал во близина на џамијата Ал Акса во ерусалимскиот Стар град.

Новото насилство го прекина релативното затишје во израелско-палестинскиот конфликт што започна пред десет дена со почетокот на светиот муслимански месец рамазан.

Израелската армија објави дека „терорист“ влетал со возило во луѓе во близина на градот Беит Умар на јужниот дел на Западниот брег, а потоа бил неутрализиран од војници. Портпаролот потоа потврди дека наводниот напаѓач е убиен.

Маген Дејвид Адом, израелски еквивалент на Црвениот крст, соопшти дека тројца Израелци се ранети, од кои еден потешко.

Палестинските власти го идентификуваа убиениот маж како Мохамед Барадијах, 23-годишен Палестинец.

Беит Умар се наоѓа на југот на Западниот брег, според меѓународната заедница палестинска територија окупирана од Израел во ткн Шестдневна војна во 1967 година.