Израелската војска ја уништи куќата на Палестинецот обвинет за убиство на Израелка

Израелската војска денеска соопшти дека нејзините сили ја уништиле куќата на Палестинецот обвинет за нападот на Западниот брег минатата година, во кој загина 17-годишна Израелка.

Израел смета дека 22-годишниот Касем Баргути го извршил нападот во август минатата година, во кој загина Рина Шнерб, а нејзиниот татко и брат беа ранети додека шетале во близина на населбата Долев на Западниот Брег.

Војската наведува дека десетина Палестинци, додека траело уништувањето на куќата во селото Кобар кај Рамалах , палеле гуми и фрлале камења и молотови коктели кон израелските војници.

Израелската војска додава дека уништувањето на куќите на наводните милитанти ги одвраќа луѓето од насилство, додека критичарите велат дека таквите тактики придонесуваат за колективно казнување.