Израелскиот национален „марш под знамиња“, провокација за Палестинците во Ерусалим

Се очекува дека во муслиманскиот кварт на ерусалимскиот Стар град ќе дојдат десетици израелски националисти и ќе учествуваат во четвртокот на годишниот марш под знамиња, настан поради кој се зголемуваат стравовите за судир со палестинските фракции.

Годишниот марш, со кој се одбележува израелското заземање на источен Ерусалим во ткн Шестдневна војна во 1967 година кога е заземен и Западниот брег (на реката Јордан) што меѓународната заедница го смета за израелска окупација на палестински територии, сѐ повеќе се доживува како демонстрација на моќта на еврејските националисти, а Палестинците го доживуваат како очигледна провокација со цел да се поткопа нивната поврзаност со овој град.

Околу 2.500 полицајци ќе го обезбедуваат маршот во обидот да остане мирен, соопшти полицијата, подготвувајќи се за сите сценарија, вклучително и насилство и антиарапски повици насочени кон Палестинците, како и за ракетен баражен оган од палестинската енклава Појасот Газа.

Исламистичкото движење Хамас, кое од 2007 година управува со Појасот Газа, истрела ракети врз Израел во текот на маршот во 2021 година, предизвикувајќи ја тогаш 11-дневната војна во кој беа убиени најмалку 250 Палестинци во Газа и 13 во Израел. Имајќи предвид дека минатата седмица заврши уште една рунда од борбите меѓу Израел и милитантите во Газа, се чини дека во моментов нема големи желби за ескалација за насилствата.

„Не сакаме војна, ниту ескалација, но не смеат да ни ја наметнуваат ескалацијата“, рекол за Reuters Хусам ал-Симри, продавач на пилиња од Газа, каде што се подготвува паралелен марш на границата меѓу енклавата и Израел.

Египет, кој посредуваше во прекинот на огнот во саботата, одржал разговори со Израел и со палестинските фракции за да се намалат тензии во пресрет на маршевите. Рацијата на израелската полиција во април предизвика ракетни удари од милитантните групи во Газа, Либан и Сирија.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој ја предводи националистичко-религиозната влада, изјави дека маршот во Ерусалим ќе се одржи според планираното.

За некои маршот е и верска работа. Во ерусалимскиот Стар град се наоѓа комплексот на џамијата Ал Акса, третото најсвето место на исламот. Тоа е и најсветото место во јудаизмот, кој го нарекува Брдо на храмот. Според мировниот преговори, ограничен е пристапот на Евреите кон овој комплекс, но последните години сѐ погласни и помасовни се обидите за присуство на местото каде што се смета дека се наоѓал древниот јудејски храм, а зачестени се и идеите за повторно подигнување на „Третиот храм“, што би претставувало уривање на џамијата.

Палестинците, кои на маршот во четвртокот гледаат како на дел од поширока кампања за јакнење на присуството на Евреите во градот за нивна сметка, се гневни поради сѐ поголемиот број еврејски посетители на Ал Акса, од кои некои ѝ пркосат на забраната за немуслимански молитви на тоа место.

Претставувајќи се последните години како бранител на ерусалимските Палестинци и муслиманските свети места, движењето Хамас ги повика Палестинците да го зголемат своето присуство во комплексот пред четвртокот и да се спротистават на секаков израелски напад.,

Израелскиот крајно десничарски министер за полицијата Итамар Бен-Гвир изјави во видео-порака во средата дека полицајците ќе го запрат секој обид од „уништување на славењето“ и вети дека „марш под знамињата… качување на Евреите на Ридот на храмот, а никој да не биде загрозен или повреден“.

Ерусалим, поточно источен Ерусалим, е последните години во средиштето на израелско-палестинскиот конфликт, откако во 2014 година Израел го прогласи целиот град за еврејска „историска и неделива престолнина“. Палестинците, пак, сакаат неговиот источен дел, кој го припои Израел во потегот кој не го признава меѓународната заедница освен САД и уште неколку држави, да биде главен град на нивната идна држава.