Израелските научници добиле антитела кои можат да го неутрализираат коронавирусот

(Photo by Paul ELLIS / AFP)

Научниците од Израелскиот институт за биолошки истражувања успеале да добијат антитела кои можат да го неутрализираат коронавирусот SARS-CoV-2, што може да биде искористено за создавање лекови за заразените пациенти, објави во вторникот Министерството за одбрана на Израел од името на затворениот владин институт основан во 1952 година во градот Нес-Цион.

„Во изминатите два дена Израелскиот институт за биолошки истражувања направи револуционерен научен напредок со изолирање на антитела кои можат да го неутрализираат коронавирусот SARS-CoV-2“, се наведува во соопштението.

Се прецизира дека станува збор за „моноклонални антитела“ коишто „содржат исклучително мал процент штетни протеини“ и притоа се истакнува дека „Институтот ја демонстрираше способноста на антителата да го неутрализираат коронавирусот“.

Министерството за одбрана истакнува дека оваа научна придобивка „има потенцијал да се развива во насока на создавање лекови за пациентите со коронавирусот, но не и вакцини за широка употреба“. Станува збор за „пресвртница којашто е проследена со низа сложени истражувања, како и процес за одобрувања од страна на регулаторните тела“, што „може да трае неколку месеци“, се додава во објавата.

Израелскиот институт во моментов е во фаза на добивање на патент за споменатото откритие, по што „ќе контактира со меѓународните производители“ за создавање антитела во комерцијални количества.