Изречени две условни и една затворска казна за немирите во Ѓорче Петров

Кривичниот суд по брза постапка, односно со признавање на вина, уште на првото рочиште донесе две условни и една затворска казна од шест месеци, за тројца од петте сторители, кои добија кривични пријави во првата група на обвинети за немирите во Ѓорче Петров, објавува Канал 5.

Двајца од обвинетите кои ја признаа вината добија условни казни, а третиот сторител добил затворска казна, бидејќи претходно бил осудуван. Сите тројца се пуштени од притвор, а за лицето кое е изречена затворска казна се гарантира со патна исправа.

Сите пет учесници се товарат за кривичното дело Учествување во толпа кое спречува службено лице во извршување на своите обврски, за што според Казнениот закон на Република Македонија следува затворска казна од 3 месеци до 3 години.

Во немирите кои се случија во Ѓорче Петров, по убиството на матурантот Ангел, министерството за внатрешни работи поднесе дваестина кривични пријави. Во последната група кривични пријави беа поднесени на осомничените за каменување на автобуси, демолирање на објекти на главната улица во Ѓорче Петров, меѓу кои и казиното Сенатор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.