Извештајот за разрешување на Јанева зад затворени врати

Извештајот на Советот за јавни обвинители со кој се бара разрешување на Катица Јанева од обвинителската функција во СЈО мора да се разгледува на затворена седница и за тоа нема што да се гласа на комисија, вели пратеникот и потпретседал на Собранието Горан Мисовски, откако Советот и по втор пат се изјасни дека останува на ставот овој извештај да биде доверлив. Седницата на Комисијата за избор и именување е закажана за утре на пладне, а нејзиниот претседател Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара Советот да го деклафисицира извештајот и седницата да биде отворена.

Пратеникот Горан Мисовски вели дека секогаш кога досега во собраниските тела се разгледувале документи и извештаи кои институцијата ги класифицира како доверливи, се разгледувале на затворени седници.

-Така е со извештаите од УБК, со Договорот со Бугарија и други документи. Законот за класифицирани документи точно ја предвидува процедурата на постапување и затоа овие документи се разгледуваат на затворени седници. Секое друго постапување би било кршење на законот и обид за правење политички маркетинг со многу чувствителен предмет за кој треба да се изјаснат судско-обвинителните органи – вели Мисовски.

Тој вели дека на утрешната седница нема потреба да има било какво гласање околу тоа дали таа треба да биде отворена или затворена, како што најави Димовски.

Пратениците доколку сепак решат да ја отворат седницата може да сносат и кривична одговорност бидејќи со тоа пред јавноста би откриле детали со кои ја загрозуваат истрагата за случајот „Рекет“ во кој Јанева е осомничена.

-Ние имаме имунитет само за јавно искажан збор од собраниската говорница – вели Мисовски.

Димовски вчера соопшти дека ќе побара од Советот на јавни обвинители да го декласифицира документот. Денеска Советот одржа седница на која одлучи дека извештајот останува класифициран.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сеуште води истражна постапка за актуелниот предмет оформен против Специјалната јавна обвинителка и од тие причини потребно е да се заштитат правата на лицата кои се наведени во извештајот или да се спречи недозволено влијание во ова постапка“, се вели во соопштението за јавноста.