Извештајот за разрешување на Катица Јанева е во рацете напратениците

Извештајот за разрешување на Катица Јанева од прв човек на СЈО стигна кај пратениците.

Неизвесно е дали овој документ во кој пишува зошто треба да се почне постапка за одземање на обвинителските права на Јанева, ќе биде достапен за јавноста или седницата ќе биде зад затворени врати, затоа што истрагата е во тек.

Освен одлуката на претседателот на СобраниетоТалат Џафери за судбината на Јанева, се чека и на договор меѓу партиите за Законот за формирање ново обвинителство. Комисиска расправа за 40-тина амандмани за кои немаат заеднички јазик, нема да се одржи се додека не се постигне компромис меѓу власта и опозицијата.

Оптимизам дека набрзо ќе го изгласаат законот, има во работната група од власта, а се пофалија и на конструктивност од опозицијата.

Од опозицијата во континуитет велат дека за квалитетен закон е неопходно да се прифатат нивните барања кои веќе се во собраниска процедура.

– Има доста амандмани кои се таму доставени и кои треба сите да се разгледуваат, ако сакаме да имаме добар Закон и ако сакаме да работиме за реформи во Република Македонија не ни требаат хибридни закони. Според мене, мое лично мислење да кажам е дека нас ни требаат цели институции. Ние законите треба да ги носиме како да ги унапредиме институциите, а не да гледаме како да градиме политички, некои задни намери како што го прави тоа СДСМ кој ни кажуваат дека ако не поминеме на овој или на оној начин, они имале план Б. Значи веднаш може да видиме дека они имаат своја интрига тука, вели Мисајловски од ВМРО- ДПМНЕ.

Двете страни се согласни дека треба да продолжат да преговараат. Забелешки имаат и албанските опозициски партии, додека пак осуммината независни пратеници од ВМРО ДПМНЕ ниту еднаш не прокоментираа на оваа тема иако постои можност нивните гласови да бидат клучни.