Извесно е кога Зоран Заев си заминува од премиерската функција

Откако вчера и официјално го препушти партискиот трон во СДСМ на Димитар Ковачевски, премиерот Зоран Заев наредната недела ќе се повлече и од премиерската позиција во Владата оти, како што стојат работите во моментот, нема надежни сигнали од Софија за повлекување на бугарското вето за Македонија да почне пристапни преговори за членство во Европската Унија (ЕУ).

Доколку, пак, од Самитот на ЕУ се стекне надеж за пресврт, во тој случај Заев ќе стане од премиерската фотелја до средината на јануари. На негово место, согласно претходните најави, ќе седне новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски кој извојува убедлива победа на вчерашните вонредни внатрепартиски избори на кои за ривали ги имаше Фросина Ременски и Јован Деспотовски.

Преносот на надлежностите во СДСМ од Заев на Ковачевски е најавено за утре. Наредни, крупни, партиски активности ќе бидат избор на нови членови на Централниот и Извршниот одбор и организација и одржување на Конгресот што најверојатно би бил закажан за крајот на јануари.