Извор од СДСМ: Нема конечен договор со ДУИ

По толкувањата во јавноста и новинарските написи дека „СДСМ и ДУИ си подадоа рака за нова Влада“, или дека „СДСМ и ДУИ веќе се договориле за Влада“, извор од СДСМ вели дека писмениот партиски став по средбата Николовски-Груби не значи и дека е постигнат конечен договор, објавува порталот 360степени.

Повеќе медиуми вечерва јавуваат дека СДСМ и ДУИ веќе се договориле за формирање нова влада, пренесувајќи го писмениот став од СДСМ по денешната средба на нивниот генерален секретар Љупчо Николовски со Артан Груби од ДУИ. Во споменатиот писмен став, од СДСМ велат дека со ДУИ се согласни за повеќе принципи на кои треба да се темели „евентуалната заедничка владина програма“, но во него нема ништо за тоа кој ќе ја води владата, со оглед на барањето на ДУИ за премиер Албанец, макар и само во еден дел од мандатот на новата влада.

Извор од СДСМ вечерва за „360 степени“ вели дека писмениот став лиферуван по средбата Николовски-Груби не значи и дека е постигнат конечен договор за формирање влада. Истиот извор, сепак, не сакаше да открие во која фаза се преговорите и дали има и кои се евентуалните проблематични прашања.

Средбата Николовски-Груби доаѓа по два состанока на лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, од вторникот наваму.

Заев повеќепати претходно изјавуваше дека нема намера да преговара под уцени, а потоа и дека „премиер не се добива со 15 пратеници“, на што доби одговор од Ахмети дека „премиер не се добива ни со 46 пратеници“.

Во средата лидерот на СДСМ се сретна и со лидерскиот двоец на коалицијата Алијанса-Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши. Претседателот на Алтернатива, Гаши, во денешниот настап на ТВ Канал 5 рече дека нивната коалиција би влегла во преговори со СДСМ доколку ДУИ не успее да се договори. За тоа како во таков случај би се стигнало до неопходните 61 глас во Собранието, Гаши рече дека тоа е одговорност на мандатарот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.