Извозот на земјоделски производи зголемен за 100 проценти

Последниве години обемот на земјоделското производство надмина 800 милиони евра, а извозот е рапидно зголемен, за преку 100 проценти. Овие податоци зборуваат за ефикасноста на аграрните политики. Ова беше посочено денеска на собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според пратеникот и член на Комисијата Љупчо Димовски, оваа Влада многу сериозно го сфаќа земјоделството како трет сектор во стопанството по индустријата и услугите.

– Оваа Влада од 2006/2007 година наваму ги има проширено обработливите земјоделски површини, а со тоа се зголеми и вкупниот обем на земјоделското производство кое во 2013 година, врз основа на спроведениот попис на земјоделските стопанства, достигна над 800 милиони евра. Овој податок недоволно го експлоатираме, но многу зборува за ефикасноста на политиките во земјоделството, нагласи Димовски, пренесе МИА.

Зголемувањето на извозот за над 100 отсто од 2006 година досега покажува, подвлече Димовски, дека многу се води сметка и се внимава на квалитетот.

– Услов за успешен извоз е да имаме квалитет. За сето тоа да се изреализира, мора уште да работиме, да го направиме земјоделството препознатливо особено со оние производи кои се карактеристични за државата, за одредени региони. Тие производи врз основа на географското потекло и квалитетот може многу полесно да се пласираат на домашниот и надворешните пазари, а во исто време, преку нивна заштита, би извршиле и заштита на нашите земјоделци од нелојална конкуренција од увоз на земјоделски производи кои се прикажуваат како македонски, а не се, посочи Димовски.

Ваквите производи, додаде, со пониска цена и квалитет им конкурираат на домашните.

Димовски уште еднаш повика на потребата од брендирање на македонските земјоделски производи, особено на оние со прецизно географско потекло како тетовското јаболко, охридската цреша, куртовската капија, пелагониската пиперка, везената светиниколска пиперка, бучимскиот кромид, тетовскиот грав, младиот кромид од велешко Башино село, росоманската праска,…, кои ја уживаат довербата кај потрошувачите во однос на квалитетот.

Членовите на Комисијата едногласно ги поддржаа измените на Законот за квалитет на земјоделските производи и заклучија дека може да се даде во натамошно, второ читање.

Како што напомена ресорниот заменик-министер Ванчо Костадиновски, измените се во насока на усогласување со европската легислатива, а се предлагаат и одредби кои ќе овозможат подобро функционирање на системот за вреднување на суровото млеко, согласно квалитетот, пренесе МИА.

– Предвидено е лицата вработени во млекарниците кои го преземаат млекото од производителите да бидат соодветно обучени, со положен стручен испит од оваа област во високо-образовни институции, кој ќе им го даде звањето контролори, образложи Костадиновски.

Целта е правилно вреднување на суровото млеко, односно на целата постапка, од преземање до проценка.

– Ефектот би бил поголема доверба меѓу предавачите и откупувачите поради пореалното вреднување на квалитетот на суровото млеко, подвлече заменик-министерот.

Во делот усогласување со европската регулатива, суштинска измена е скратувањето на рокот за приговор по однос на донесувањето решение за регистрација на заштитениот назив на одредени земјоделски и прехранбени производи со географско име и ознака за гарантиран традиционален специјалитет.

– Се предлага, наместо овластените тела, регистрирање на заштитениот географски назив и традиционален специјалитет да вршат и Државниот инспекторат за земјоделство (за примарни производи) и Агенцијата за храна (за преработки), рече Костадиновски, пренесе МИА.

Поздравувајќи ги предложените решенија, Соња Талевска нагласи дека измените се од голема важност, не само заради усогласувањето со ЕУ регулативата, туку и заради квалитетот на земјоделските производи.

– Македонија е претежно аграрна земја и на тој дел треба да посветуваме особено внимание, како и да дадеме поддршка на сите законски регулативи кои ќе придонесат за што поквалитетни земјоделски производи, рече Талевска.

Димовски во текот на расправата потсети дека пред две години Владата почна проект за поставување дополнителни три лиценцирани лаборатории за испитување на квалитетот на млекото, во Битола, Штип и Тетово со донирање финансиски средства за набавка на опремата.

– Секогаш тој што продава смета дека цената му е ниска, а тој што купува дека цената е висока.  Од тие причини, најбитен е квалитетот. За да имаме правилно формирање на цената, мора да имаме и контрола врз квалитетот за ниту една од страните да не се почувствува оштетно, истакна Димовски.

Законот за квалитет на земјоделските производи е донесен во 2010 година и досега е изменет три пати.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.