Јакната на Хан Соло од „Војната на ѕвездите“ се продава за 1,3 милиони долари

Јакната која Харисон Форд ја носеше глумејќи го Хан Соло во „Војна на ѕвездите: Империјата го возвраќа ударот“ би можела денеска во Лондон на аукција на филмски антиквитети да се продаде за дури 1,3 милиони американски долари.

Колекционерите ќе имаат можност на аукцијата на филмски реквизити и костими да ги видат и допрат предметите кои се користени во филмовите како што се „Индијана Џонс“, „Форест Гамп“ и „Враќање во иднината 2“.

Аукциската куќа Prop Store подготви за продажба повеќе од 600 предмети од околу 150 филмови и телевизиски емисии.
Освен сино-сивата јакна на Соло, заинтересираните може да купат и други предмети од франшизата „Војна на ѕвездите“, како шлемот на стормтруперот од „Последниот џедај“ чија вредност се проценува на 30 до 60.000 фунти, а се продава за добротворни цели, како и светлосниот меч на Анакин Скајвокер во „Одмаздата на Сит“, со проценета вредност од 50.ооо до 100.000 фунти.

Реквизитите од „Војна на ѕвездите” се најпопуларни меѓу колекционерите на поп-културата. Пиштолот кој бил користен од Хан Соло во „Враќањето на џедајот“ во јуни годинава беше продаден за 550.000 долари, додека дроидот R2-D2 кој е користен во неколку филмови од серијалот е продаден за 2,7 милиони долари.
Вториот најскап предмет на аукцијата е шапката што Харисон Форд ја носеше глумејќи го Индијана Џонс во „Ограбувачите на изгубениот ковчег“,чија вредност се проценува на 200.000 до 300.000 фунти.

Вредноста на лебдечкиот скејтборд што ја користеше Мајкл Џ. Фокс во филмот „Враќање во иднината 2“ е проценета на 30.000 до 50.000 фунти.