Јанакиески: Македонија добива национален авиопревозник

Македонија добива национален авиопревозник, ваква одлука донела владата на синоќешната седница. Тоа го потврди Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески кој беше гостин во првиот Дневник на МТВ. Според министерот кога Македонија има нови модерни авиони и минатата година се постигна бројот од еден милион патници, Владата одлучила да започне процедура, односно пред се да го испита интересот за меѓународни светски познати компании да воспостават база во Македонија.

„Прв чекор е дека ќе направиме испитување на пазарот во соработка со консултант, значи првиот чекор е ангажирање на консултант, кој ќе не води во оваа целокупна постапка, најнапред да се испита интересот на светски познати авио компании да воспостават база тука во Македонија. Второ, заедно со владата да ги ставиме на хартија сите оние услови кои може владата да ги понуди. На пример, дополнителни субвенции, специјално најдобрите линии да бидат резервирани за тој авио превозник и други поволности што владат би можела да ги понуди. И потоа, кога ќе направиме еден таков пакет, кога ќе се направи целосна анализа, предвидено е да се направат неколку роад шоуа, каде што тој пакет како можност за воспоставување на база во Македонија се понуди до поголем број на светски познати авио компании, европски и надвор од Европа. Врз база на тоа ќе видиме дали има интерес. Доколку има интерес потоа би распишале постапка, каде ќе се јават поголем број на компании, кои ќе воспостават база во Македонија,“ изјави Јанакиески.

Според него, целта е да имаме национален авио превозник, кој ќе воспостави база, тоа значи нови вработувања на стјуардеси, пилоти, ќе има авиони кои постојано ќе бидат во Македонија и ќе има директни линии од Скопје кон главните аеродроми, бидејќи со ниско буџетните авио компании се овозможи  воспоставување на 14 линии од Скопје до помалите аеродроми.