Јанакиески: Мостот „Око“ со сите декоративни елементи e легален

Изградбата на мостот „Око” со сите негови пропратни декоративни елементи е во согласност со законските прописи, изјави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на патот Требовље кај Македонски Брод.

Неосновани се, истакна Јанакиески, наводите дека изградбата на оваа градба не е во согласност со законот. Министерството за транспорт и врски, појасни, заради утврдување на фактичката состојба побарало од изведувачот на градбата да ја достави на увид целокупната градежно-техничка документација. По нејзиното доставување се утврдило дека општина Центар издалa одобрение за градење од 16.06.2010 година и дополнување на 11.09.2012 година  за изградба на градба од втора категорија-пешачка патека-мост „Око“.

„Согласно ДУП  е предвидена изградба на пешачка патека-мост. Од увидот во доставената проектна документација се утврди дека со неа е предвидена изградба на мост над реката Вардар чиј составен дел се  32 постаменти со декоративни елементи како составен дел на архитектурата на мостот“, изјави Јанакиески, пренесува МИА.

Според него, треба да се има предвид дека во конкретниот случај не се работи за изградба на спомен-обележја дефинирани со Законот за меморијални споменици и спомен обележја, од причина што предмет на изградба не е спомен обележје како посебна градба, туку инфраструктурна градба-мост во чија архитектура се предвидени фигури-како декоративни елементи.