Јанакиески- Папазов: Со засилена соработка до финансиски средства за изградба на транспортната инфраструктура

На средбата, министерот Јанакиески информираше дека целосно е подготвена проектната документација и финансиската конструкција за железничката делница Куманово – Бељаковце и дека градежните работи се очекува да започнат во првиот квартал од следната година, а на отпочнувањето со градежните работи ќе присуствува и министерот Папазов.

Исто така, министерот Јанакиески информираше дека втората делница од пругата која треба да ја поврзува Македонија со Бугарија, односно секцијата Бељаковце – Крива Паланка се очекува да започне со изградба во втората половина од 2015, а во тек е изготвувањето на детална документација за нејзината реализација.

 Во однос на последната секција, од Крива Паланка до границата со Бугарија, предвидено е целосната документација да биде подготвена со средства од фондовите на Европската Унија до крајот на 2016 година.

Двајцата министри ја реафирмираа нивната посветеност да ја засилат соработката со релевантните институции на Европската Унија и сите меѓународни финансиски институции за обезбедување на потребните финансиски средства, неопходни за изградба на транспортната инфраструктура долж коридорот 8 и го изразија својот интерес да соработуваат во проекти кои имаат за цел интегрирани транспортни услуги.

На билатералната средба беше договорено преку ресорните министерства да се аплицира за средства за проекти на железничкиот коридор 8, како проект кој е од заеднички интерес за двете држави, а од страна на Министерот за транспорт, информатички технологии и комуникации на Бугарија беше понудена поддршка во институциите на Европската Унија за обезбедување на средства за изградба на железничката делница од Крива Паланка до границата со Бугарија во програмскиот период 2014-2020 година.

Средбата меѓу двајцата министри се одржа во атмосфера на взаемно разбирање и желба за унапредување на билатералните односи.