Јанчев: Нудиме иновативни проекти и трајни решенија за клучните проблеми со кои се соочуваат кавадарчани

Кавадарци заслужува да биде на прво место. На кавадарчани им треба урбана средина која ќе нуди услови за развој и просперитет. На младите им треба простор за создавање и рекреација. Земјоделците имаат потреба од подобар пласман на своите производи и подобри услови, истакна кандидатот за градоначалник на општина Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев на денешната прес-конференција.

Во програмата нудиме трајни решенија за клучните проблеми со кои се соочуваат кавадарчаните. Ќе реализираме иновативни и креативни проекти кои ќе бидат од големо значење за кавадарчани. Вашата доверба значи и ваше директно вклучување во сите активности на локалната самоуправа, рече Јанчев и претстави само дел од проектите кои ќе ги реализира:

Започнуваме сосема нов проект МОЈ ОПШТИНАР. Преку овој проект општината ќе им биде достапна на граѓаните и ќе можат лесно да дојдат до решенија за проблемите со кои се соочуваат.

Реконструкција на постоечкиот колекторски систем и изградба на нов.

Доизградба и продолжување на кејот на реката Луда Мара, со оваа доизградба ќе се решат проблематичните места кои во овој момент се депонии.

Изградба и уредување на локалитетот 12 Ваташки младинци.

Изградба на две детски градинки. Со ова би се решил проблемот кој е огромен за родителите.

Ставање во функција на напуштениот објект „Ла Луна“. Ова место ќе прерасне во современ спа центар со современа теретана, сквош терени, затворен базен и детско катче.

Изградба на фабрика (ПОГОН) за откупување на вишокот грозје и претворање во алкохолен дестилат во однос на потребите на пазарот. Овој погон трајно би го решил проблемите со пласман на грозјето, кој од година во година станува се поголем.

Реконструкција на стадионот Тиквеш, како и реконструкција на спортскиот центар „Јасмин“ и дополнување со трим патека, лизгалиште и современо лизгалиште. Овие реконструкции ќе создадат услови за издигнување на спортот и место за рекреација за младите кавадарчани.

Изградба на велосипедска патека која му недостасува на Кавадарци.

Создавања на нови работни места преку странски и домашни инвестиции.

Уредувања и проширување на влезовите во градот.

Кавадарци има големи проблеми со кучињата скитници. Ќе воведеме шинтерска служба која ќе ги згрижи кучињата бездомници.

Изградба на две училишни спортски сали.

Нови два кружни текови кои ќе го намалат сообраќајниот метеж.

Затворен пазар со постоечка локација со катна гаража.

Овие проекти, додаде тој, се реални и нудат решенија кои ќе траат.

На Кавадарци му треба лидер кој ќе знае домаќински да го води овој град. Јас и општината ќе бидеме во функција, во функција на Вас граѓаните. Да го направиме Кавадарци убаво место за живеење.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.