Јанева не може да ја напушти државата

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева од денеска ќе биде запрена на македонските гранични премини и вратена назад доколку се обиде да ја напушти државата, дознава expres.mk од високи извори во државната администрација.

Извори во истрагата за медиумот потврдиле дека преку МВР на сите гранични полициски сили им е испратена наредба која се однесува на лицето Катица Јанева на која стои знакот ,„Ѕ“. Тоа значи дека доколку се обиде да ја напушти државата, Јанева ќе биде приведена и однесена пред соодветните државни органи кои издале налог со знакот S.

Засега јавноста не е информирана за ваква мерка од страна на Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи. Официјално таа не е осомничена ниту обвинета иако се смета дека таа е обвинителката преку која Боки 13 остварувал влијание за рекет.

Јанева во кус временски интервал пред објавата на јавната обвинителка Вилма Русковска за отворањето на случајот „Рекет“ објави дека се повлекува од челната позиција во Специјалното јавно обвинителство, како што наведе поради несогласувањето меѓу партиите околу нејзиното останување на должност. Но според информациите кои МВР сѐ уште не ги потврдува, бил извршен претрес во домот во кој таа престојува, и одземен е еден од нејзините мобилни телефони кој е предаден на вештачење.