Јанева смета дека е непроменлива и незаменлива

Додека можам да бидам специјален јавен обвинител ќе останам до крај, не поради тоа што сакам, туку затоа што сметам дека заслужувам да бидам на чело на оваа институција, изјави во вторникот главната обвинителка на Специјалното јавно обвинилество, Катица Јанева.

Специјалната обвинителка Катица Јанева јасно порача дека нема намера да се откаже од својата функција иако во преговорите меѓу власта и опозицијата за специјалното обвинителство се зборува и за нејзина смена. Барањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за кадровските промени во СЈО ги смета за политички. Дри најавува дека ќе се кандидира и за втор мандат по истекот на тековниот во септември.

Барањето ниту држи вода, ниту е на место и нема основа. Мене не може да ме сменат, затоа што во законот нема персонални решенија. Се знае што се пишува во закон, ако сме писмени во Македонија за да сфатиме дека тоа не се пишува во закон… Додека можам да бидам специјален јавен обвинител ќе останам до крај, не поради тоа што сакам, туку затоа што сметам дека заслужувам да бидам на чело на оваа институција, рече Јанева.

Одговорот на Јанева доаѓа по критиките од лидерот на опозицијата Кристијан Мицкоски дека таа нема кредибилитет да остане на чело на СЈО, став кој во вторникот беше повторен од ВМРО-ДПМНЕ.

Специјалната обвинителка не сакаше пред новинарите да коментира дали е потребна лидерска средба за да се најде решение за законот за ова јавно обвинителство кое беше формирано токму со согласност на водечките партии во земјата.

Меѓутоа, за бавната разрешница за постапките што ги води нејзиното обвинителство, според Јанева одговорни се судовите.

Додека Јанева смета на уште еден мандат, преговорите меѓу Министерството за правда и ВМРО-ДПМНЕ тапкаат во место, иако законот за обвинителството е клучен за извештајот на Брисел за напредокот на земјата во процесот на евроинтеграциите. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вели дека се ближат крајните рокови за договор.

ЕУ има дадено два рока за да се постигне договор во опозицијата – едниот пожелен и другиот непожелен. Според пожелниот рок, тоа е препорачливо да се постигне до објавувањето на извештајот на Европската комисија, а другиот е до објавувањето на одлуката на Европскиот совет, рече Османи.

Првиот рок истекува околу 25-ти мај. Главна пречка во разговорите меѓу власта и опозицијата остануваат предметите на СЈО отворени по истекот на рокот за обвиненија во јуни 2017 година.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.