Јанукович: Немам намера да поднесам оставка

Украинскиот претседател Виктор Јанукович изјави дека нема да поднесе оставка и оти не заминува од земјата.
Немам намера да поднесам оставка. Јас сум легитимно избран претседател, изјави Јанукович во интервју за локална телевизиска станица во Харков.

Тој посочи дека мора да го „заштити народот“ и дека „нема да ги штеди напорите за да стави крај на крвопролевањето“.

Јанукович истакна дека и покрај „безбедносни гаранции“ од меѓународните посредници и опозицијата било пукано врз неговиот автомобил, но тоа не го уплашило.

„Тоа што се случува во Украина првенствено може да се опише како вандализам, бандитизам и државен удар,“ посочи Јанукович, додавајќи оти ситуацијата потсетува на воздигнување на нацизмот во 30-тите години од минатиот век.