Јанушев: Итно проширување на истрагата за „Рекет“ и кон нарачателите, СЈО, сите функционери во СДСМ и кон сите вклучени

Реформи во правосудството со аболициран криминалец нити имало, нити ќе има. Не постои поголем апсурд од тоа човекот кој го спасија од одговорност за криминалот во „Глобал“ тежок 7 милиони евра да повикува на правда еднаква за сите, истакна Игор Јанушев, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

-Не постои поголем апсурд за реформи да говори аболицираниот Заев кој бараше едно евро за Вице. Неговите судии не успеаја да го видат криминалот кој го виде целата јавност, а сега треба да веруваме дека тие треба да делат неселективна правда и да се однесуваат професионално. Рускоска обвинителството и Кацарска судството  се се, само независни не. Виновник за тоа е директно Заев – човекот кој го компримитираше правосудството, кое за возврат го амнестираше за сите криминали, рече Јанушев и додаде:

„ВМРО-ДПМНЕ е за независно обвинителство кое ќе работи согласно закон и ќе го гони криминалот, без разлика на партиската, етничката или било која друга припадност. ВМРО-ДПМНЕ е за обвинителство кое ќе се базира на принципите на владеењето на правото и меѓународните конвенции за човекови права. За разлика од нас, СДСМ е за обвинителство кое ќе биде маша во нивните раце за политички прогон. СДСМ и Заев наместо да бидат конструктивни во изминатиов период ги опструираат преговорите. Инатењето на Заев околу предлог решенијата за Јавното обвинителство има три цели. Прво, да ја опструира правдата на долг рок, штитејќи ја мафијата и криминалот, при што за себе и соработниците ќе си обезбеди неказнивост. Ова го планира преку креирањето на неуставни и нефункционални решенија. Понатаму, да си ја згрижи Катица Јанева и нејзините соработници и покрај сомнежите за тежок криминал, злоупотреби и целосно нарушен кредибилитет. Ова само заради информациите кои Катица Јанева ги поседува против него, а кои може да го одведат зад решетки. Исто така, за да продолжи врши дополнителни притисоци врз опозицијата на долг рок, како би добил во време за да ја продолжи безмилосната кражба на Република Македонија“.

Бараме, подвлече Јанушев, итно проширување на истрагата за случајот Рекет, не само кон извршителите, туку и кон нарачателите, кон СЈО, кон сите функционери во СДСМ и кон сите вклучени.

-Сведоци сме на најголемиот рекет систем во независна Македонија. Секој ден се јавуваат жртвите на рекетарите на власта, систем кој опстојува две години и во кој се рекетирани милионски суми не може да постои и функционира без за  него да знае врхушката на власта. Експертите од правната фела се децидни, да беше некој друг на местото на  Јанева, до сега ќе беше во притвор. Да  стануваше збор за правна држава, уште првиот ден ќе имаше оставки на министрите за правда и за внатрешни работи, а во најкраток рок ќе следуваше оставка и на владата и ќе беа распишани предвремени парламентарни избори. Заев нема кредибилитет да зборува за правда. Заев е коренот на неправдата. Потребни се итни реформи, а тоа со Зоран Заев не е можно. Затоа потребни се  итни предвремени парламентарни избори и обвинителство кое ќе биде  вистински независно.